Книга на папата Фрањо: „Радувај се Маријо“

Книга на папата Фрањо: „Радувај се Маријо“

Во таа книга папата Фрањо зборува за таинството на Марија толкувајќи го ред по ред молитвата „Радувај се Маријо“, во жив и плоден разговор со теологот и затворски капелан дон Марко Поца.

А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гавриил во галилејскиот град, по име Назарет, при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија. И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“ А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: „Каков е овој поздрав?“ Тие редови за навестувањето на Исусовото раѓање ги читаме во првата глава во Евангелието според Лука (Лк 1, 26-29)

Десет редови понатаму Лука ја опишува посетата на Марија на роднината Елисавета: „Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета. Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика гласно и рече: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја.  И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она, што ѝ рекол Господ.“ (Лк 1, 39-45)

На тие евангелски делови се заснова молитвата „Радувај се Маријо, со тоа што во неа влегла и т.н. „инвокација“ формулирана на Соборот во Ефес во 431 година. Евангелистот Лука ги распоредува во двојна слика, диптих, настаните за раѓањето на Иван Крстител и на Исус Христос. Како што слушнавме кога Бог го испрати „во шестиот месец“ ангелот Гаврил на Марија да ѝ го навести Исусовото раѓање, одредницата „во шестиот месец“ се однесува на времето поминато од зачнувањето на Иван. Исто така е интересно да се забележи дека кажаните настани ги изнесува евангелистот Лука од гледиште на Марија за разлика од евангелистот Матеј кој тоа го прави од гледиште на Јосиф. (…)

„Радувај се Маријо, благодатна“: вака започнува молитвата која ја учиме уште како деца и која посебно во тешкотиите ни се враќа на усните и во срцето. „Бог поздравува една жена, ја поздравува со големата вистина: „Јас те исполнив со својата љубов, те исполнив со себе и како што си полна со мене, ќе бидеш полна со мојот Син, а потоа со сите деца на Црквата.“ Но милоста не завршува овде: Богородичната убавина е убавина која дава плод, тоа е убавината на мајката.“ Откако во книгата „Оче наш“ ја протолкува Господовата молитва, во оваа нова книга, папата Фрањо зборува за Богородичното таинство, толкувајќи ја ред по ред молитвата „Радувај се Маријо“ во жив и плоден разгвор со теологот и затворски капелан дон Марко Поца кој беше соговорник на Папата и во претходната книга. „Марија е нормалност, таа е жена која секоја жена на овој свет може да ја наследува:“ „работела, купувала намирници, му помагала на Синот, му помагала на мажот.“ А сепак ова „нормална“ жена станува средство за ново создавање, нов сојуз: „Почетокот на новото создавање е дијалогот помеѓу Бог и само една жена.“ Токму жената и нејзината улога е во фокусот на размислувањето на Папата: „Црквата е жена, Црквата не е машко. Ние свештениците сме мажи, но не сме ние Црквата.“ (…)

Во евангелијата Марија се појавува како жена со малку зборови, без големи говори и дела, но со внимателен поглед кој знае да го чува животот и посланието на својот Син па потоа и сѐ што Тој љуби. Знаела да ги чува почетоците на првите христијански заедници и така научила да биде мајка на мноштвото. Се приближувала до најразлични ситуации за да донесе надеж. Ги следела крстовите кои нејзините деца ги носеле во тишината на срцето. Толку побожности, толку светилишта и капели на најсокриените места, големиот број на слики по домовите нѐ потсетуваат на таа голема вистина. Марија ни дава мајчинска топлина кој ни е засолниште во тешкотиите; мајчинската топлина која не дава никој и ништо во крилото на Црква да ја згасне револуцијата на нежноста која ја иницираше нејзиниот Син. Каде е мајката, таму е нежноста. А Марија со своето мајчинство ни покажува дека понизноста и нежноста не се карактеристика на слабите, туку на силните, нѐ учи дека не треба другите да се злоупотребуваат за да се чувствуваме важни (апостолски поттик Evangelii gaudium, 288). Светиот верен Божји народ отсекогаш ја признава и поздравува како Света Мајка Божја.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот