Катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“  – Скопје прослави два јубилеја

Катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“  – Скопје прослави два јубилеја

 Во неделата на 26 ноември во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ беа одбележани две годишнини: 115 години од постоењето на катедралниот хор „Пресвето срце Исусово“ и 20 години од постојаниот ангажман и доброволно учество во славењето на Бога, на професорката Марија Докузова, оргулистка во Катедралата. По тој повод се одржа свечен концерт со богата програма на познати дела на автори кои пишуваат хорска музика наменета за црковно пеење. Пред воодушевената публика на професорката Докузова и беше изразена голема благодарност и ѝ беа врачени пригодни дарови.

За постоењето на хорот нема многу податоци, но сепак е познато дека на самиот почеток хорот го воделе  Милосрдните сестри на Светиот Крст од Ѓаково кои во тоа време делувале во Скопје, пред сѐ сестра Стела, сестра Нивија, сестра Дугомира и сестра Мануела Гуга, сестра Цецилија (1976-1996), сестра Натанаела (1996-1998) Милица Ѓекиќ (од 1998 до крајот на 1999).  Од Јубилејната 2000 година до денес Катедралниот хор Пресвето Срце Исусово го предводи сестра Татјана Атанасова, која по овој повод ќе изјави:

„Голем благослов за сите сегашни и некогашни хористи. Голема благодарност до сите сегашни хористи за времето што го одвојуваат и се посветуваат на прекрасната задача. Вие драги хористи сте драгоценост во секое славење на светата Миса. Нека биде ова и повик и охрабрување за секој оној кој ќе почувствува таква потреба да стане член и да му се придружи на Катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово.“

Професор Марија Докузова која 20 години го придружува на оргули Катедралниот хор, е родена во Цеље. Основно и средно музичко образование завршува во родниот град на одделот по пијано. По завршување на средното образование се запишува на Факултетот за Музичка уметност во Љубљана на Катедрите по оргули и пијано, каде дипломира со голем успех. По дипломирањето извесен период работи во Љубљана како професор по пијано, а потоа доаѓа во Скопје и се вработува како пијано – корепетитор на Факултетот за Музичка уметност каде и се пензионира. Зад себе има голем број на соработки со наши реномирани вокално – инструментални уметници и сегашни професори и солисти како: Михајло Куфојанакис, Славица Петровска – Галиќ, Весна Гиновска – Илкова, Борис Трајанов… Од 1997 година па сè до денес официјално свири на оргули во Католичката катедрала ,,Пресвето Срце Исусово” придружувајќи го Катедралниот хорот, а изведува и  солистички партитури придонесувајќи со тоа за збогатување на литургиското и црковно славење на најавтентичен можен начин на сите неделни Богослужби и празници.

Благодарност му беше изразена и на магистер Дарко Мариновски кој секогаш со голема љубов свири на оргули за Божиќ и за Велигден.

к.мк/с.Т.А.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот