Кардинал Сако: Црквената облека симбол на крвта на ирачките маченици

Кардинал Сако: Црквената облека симбол на крвта на ирачките маченици

Ги повикувам муслиманските, христијанските и другите верски власти да бидат национални симболи.

Црвената облека и црвената кардиналска капа се знак на мачеништвото посебно во нашата земја која беше искушувана повеќе пати – напиша патријархот Луис Рафаел Сако во писмото до своите сонародници откако се врати во Ирак од Рим каде Папата му ја подели кардиналската служба. Таа боја сигурно дека ја симболизира крвта на толку маченици, која беше пролеана помеѓу сите припадници на ирачкото општество. Но, црвената боја е знак на љубовта која треба да го запали срцето на оној кој ја носи за безусловно да го дарува својот живот за оние кои ги љуби – пишува кардинал Сако.

Во таа прилика – истакнува – им ветувам на сите Ирачани, како што тоа го направив пред пет години кога бев избран за патријарх дека ќе бидам чесен и искрен; брат и слуга на сите; дека ќе работам најдобро што можам доверувајќи се на Божјиот благослов и соработувајќи со сите добри луѓе за да се зацврсти единството и соработката помеѓу Ирачаните; дека ќе промовирам хармоничен живот, ќе ја поттикнувам културата на дијалог и разбирање; ќе барам подобра атмосфера заснована на љубовта, дека ќе барам правда, еднаквост, слобода, достоинство и мир. Свесен дека нема иднина без мир и соживот.

Бидејќи религијата и насилството се неспоиви – вели кардиналот – ги повикувам муслиманските, христијанските и другите верски власти да бидат национални симболи, придонесувајќи за да се постигне помирување, мир и стабилност и надминување на екстремизмот и насилството. Исто така ги поттикнувам сите ирачки политичари да се помират и „да свртат страница“ за да ја запрат таа војна која се води во нашата земја, а која го уништи „човечкото битие“ и „камењата.“ Мораме да го сочуваме нашето единство затоа што земјата не може да се гради со поделби и сопствената корист, туку заедно со сите праведни и сложни припадници на граѓанското општество.

Ирачкиот кардинал на крајот ги повикува сите фактори во општеството да го забрзаат процесот на создавање силна влада која ќе биде заснована на уставот. Потребна ни е влада која може да развие сеопфатна стратегија за искоренување на корупцијата и подобрување на јавните служби. Да продолжиме да се молиме за знаците на надеж да ги надминат нашите грижи и стравови во така тешката ситуација и да бидеме горди на својата сакана земја – заврши кардиналот Луис Рафаел Сако.

РВ/к.мк

 

Категорија: Вести, Свет

За авторот