Кардиналот Луј Рафаел Сако, чие повлекување како халдејски патријарх на Багдад беше прифатена од папата Лав XIV, објави писмо во кое се осврнува на годините на својата служба во Ирак, истакнувајќи дека ја водел Халдејската католичка црква во исклучително тешки околности и среде големи предизвици.
Папата Лав XIV го прифати повлекувањето што кардиналот Луј Рафаел Сако го поднесе согласно канон 126 §2 од Кодексот на канонското право на Источните цркви (CCEO).
Писмото на кардинал Сако
Во писмо објавено во вторник 10 март 2026 година, кардиналот објаснува дека размислувал да се повлече уште пред две години, кога наполнил 75 години. Тогаш разговарал со папата Фрањо и бил охрабрен да остане.
Одлучил да го поднесе своето повлекување до папата Лав XIV, за да може „да се посвети на молитва, пишување и едноставно служење“, и во писмото објаснува „за да се избегнат недоразбирања“,дека не бил принуден од никого и дека оставката ја побарал доброволно.
„Ја водев Халдејската црква во исклучително тешки околности и среде големи предизвици“, пишува кардинал Сако. „Го зачував единството на нејзините институции и не ги штедев напорите да ја бранам.“
Исто така, кардиналот изјавува дека дејствувал „за правата на Ирачаните и на христијаните“, заземајќи став и одржувајќи присуство и во земјата и надвор од неа.
Нов патријарх кој верува во обновување
Кардиналот раскажува дека неговите 13 години служба во Багдад „беа години на пасторална грижа полна со љубов, придружување и раст“, заблагодарувајќи му на Бог „за благодатта на љубовта“ што му била дарувана нему, на неговото семејство, на оние што живееле со него во годините кога служел како свештеник во Мосул, како бискуп во Киркук и како патријарх во Багдад, како и на неговите соработници.
„Во овие тешки времиња, се надевам дека раководството на Халдејската католичка црква ќе му биде доверено на патријарх кој поседува солидно теолошко знаење, храброст и мудрост“, вели кардинал Сако.
Тој додава дека за Халдејската катедра во Багдад е потребен „некој што верува во обновување, отвореност и дијалог, и кој има и смисла за хумор“.
Завет
На крајот од писмото, кардиналот открива дека го составил својот тестамент уште додека бил свештеник и дека го обновувал неколкупати. Тој наведува дека располага со „околу четириесет милиони ирачки динари, пет илјади американски долари и пет илјади евра“, собрани од „плати во текот на 52 години свештеничка служба“, како и од средствата добиени од продажбата на семејната куќа во Мосул.
Кардинал Сако додава дека не поседува куќа ниту автомобил и дека неговото „вистинско богатство“ е „посветеното служење и 45-те книги и бројните статии“ што ги објавил.
Ватикан њуз/к.мк

