Во интервју за Ватикан њуз, објавено на 8 август 2024 година, десет години по масакрот на христијаните и језидите од страна на џихадистичката паравоена група Даеш во Ирак, калдејскиот патријарх од Багдад, кардинал Луис Рафаел Сако, се потсети на страдањата што се заеднички за сите Ирачани.
Пред десет години, месец август беше симбол на колективната трагедија која е наследство на цел Ирак. Не само што 120.000 христијани беа принудени да ги напуштат своите домови и своите омоти ноќта меѓу 6 и 7 август под убиствениот притисок на самопрогласената Исламска држава, туку и целото население – Језидите – претрпе обид за истребување со над 3.000 убиени мажи, жени, момчиња и девојчиња и најмалку 6.800 луѓе, особено жени, момчиња и девојчиња, кои беа киднапирани од Даеш. Драма која Обединетите нации ја препознаа како геноцид.
Тоа беше „колективна трагедија“ за ирачкиот народ, објасни кардиналот Сако. „Трагедија која ги погоди христијаните и другите малцинства, која останува втисната во свеста и денес. Вистина е, ИСИС е поразен, но неговата идеологија останува силна, и тоа не само во Ирак“, рече тој.
Во разговорот тој посочи дека сите се уште се прашуваат кога конечно ќе имаат модерна, демократска, граѓанска држава, во која секој ќе може да биде граѓанин со еднакви права и должности. „Ова е и причината поради која многу луѓе заминуваат и го напуштаат Ирак, не само христијаните. Се обидувам да разговарам со луѓето, да ги уверам дека злото нема да трае, дека треба да бидат трпеливи“, рече кардинал Сако.
Рече и дека христијаните се уште се плашат за својата безбедност, бидејќи земјата не е стабилна и поради тензиите кои произлегуваат од кризата на Блискиот Исток. „И христијаните од Ниневија, како и Језидите, сите се плашат. Неопходно е да се промени менталитетот што е основа на војните и осветата, потребно е да се знае да се води дијалог и да се решаваат проблемите не со оружје, туку со дијалог. Сериозен и храбар дијалог. Неопходно е да се променат училишните образовни програми, јазикот, говорите што се одржуваат“, нагласи кардиналот Сако.
На прашањето дали Западот е одговорен за актуелната ситуација, тој одговори дека проблемот на Западот е рамнодушноста. „Како што вели папата Фрањо: војната никогаш не е победа. Сите губат! Проблемот на Западот е рамнодушноста. Сите тие се насочени кон логиката на профитот и немаат морални и духовни вредности. Тоа можеме да го видиме од она што се случува во Украина. Тажно е“, истакна тој.
Кардинал Сако рече дека се уште има многу дела на омраза, како што е нападот во кој загинаа повеќе од 133 лица за време на свадбена веселба во Каракош минатата година. „И геноцидот врз Језидите… Како може да се замисли во 21 век жените да се продаваат, одвоени од нивните семејства само затоа што се од различна етничка припадност? Кои вредности постојат? Тоа е страшна, страшна работа, не само за нас, туку и за целиот свет кој не успева да спречи да се случуваат вакви работи“, рече багдадскиот патријарх.
На крајот истакна дека овие браќа и сестри не треба да се заборават. „Ние сме браќа и животот е прекрасна работа. Не може да се дозволи луѓето да умрат без да направат ништо, без разлика дали во Ирак или на друго место. Секој од нас е одговорен за другите и кога ќе бидеме покојни, Бог нема да нѐ праша дали сум христијанин или муслиман, туку ќе не праша: „Што направивте за вашиот брат?“ – заклучува кардиналот Сако.
Ватикан њуз /к.мк