Кардинал Паролин славеше Миса во светилиштето Богордица Гвадалупска

Доселениците често се Христовото лице кое страда во нашето време– рече папскиот државен секретар кардинал Пиетро Паролин во проповедта на Литургијата која ја славеше во светилиштето  Богородица Гвадалупска во Мексико. Како што веќе јавивме кардинал Паролин отпатува за Мексико за да ги разгледа проблемите поврзани со миграцијата, а вчера учествуваше на семинарот посветен на таа тема.

Да научиме од Богородица да го наследуваме Исус и тоа во мирните моменти, како и во искушенијата – е повикот на кардинал Паролин упатен во проповедта во чиј центар беше ликот на Марија, која брза да ја посети Елисавета, а така е и домородниот индијанец, свети Хуан Диего кој брзал кон епископот со наметка полна со кастилјански ружи на кои што чудесно му се појавила сликата на Богородица Гвадалупска. Да ја молиме Марија да ни го дарува Христос и да ја прифатиме во своето срце Божјата волја – поттикна кардиналот. Црквата од Марија научи дека вистинската евангелизација е во проповедањето на големината Господова – рече кардинал Паролин и додаде – во Неа можеме да видиме начин на кој што Црквата е присутна, со светлото на Евангелието во животот на народите и во општествените, економските и политичките промени.

Света Марија од Гвадалупе е пример за поклонениците во Црквата која не бара за себе, која оди со народот и не сака да остане надвор од неговите предизвици и планови, неговите страдања и неговата надеж. Осврнувајќи се на обврската која што епископите ја преземале за да го обноват националниот соживот и дијалогот со разни претставници на општеството, кардиналот напомена дека тоа е добра можност за да се внесат христијански вредности и корени со цел градење на солидарно општество, засновано на културата на средба, потполно почитување на човечкиот живот и за поддршка на сѐ што промовира взаемното разбирање.

Притоа поттикна во молитвата до Богородица посебна накана да се посвети за доселениците. Папскиот државен секретар го спомна семинарот на кој што учествува, а на кој се зборуваше за тој аспект на човечката подвижност, за да се напредува во заштитата на луѓето, кои барајќи работа или подобри услови за живот се принудени да ги напуштат своите домови, а често се жртви на економскиот модел кој исклучува, кој не го става во центарот човекот. Додека од една страна границите се повеќе се отвораат за трговија, за пари и за нови технологии, од друга страна луѓето поднесуваат повеќекратни ограничувања, неправда и злоупотреба, останувајќи ранливи – рече кардинал Паролин и на крајот истакна дека доселениците често се Христовото лице кое страда во нашето време, кое го потресува срцето на Неговата Мајка.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот