Кардинал Паролин: Нема мир без меѓусебна доверба

Кардинал Паролин: Нема мир без меѓусебна доверба

Почетоците на прославата на празникот Мадона дел Кармин потекнуваат од 1535 година, кога група рибари пронашле статуа издлабена во кедрово дрво покрај реката Тибар. Статуата веднаш била прогласена за чудотворна и доверена на кармелитјанките од црквата „Сан Крисогоно“ во срцето на Трастевере. Оттогаш, Богородица стана заштитник на тој римски кварт и се слави во јули.

На завршната прослава на празникот Мадона дел Кармин во римската област Трастевере, во неделата на 28 јули 2024 година, на реката Тибар се одржа процесија со ликот на Пресвета Богородица позната како „Мадона Фиумарола“.

„Мило ми е што се чува оваа прекрасна традиција. Тоа се традиции кои се дел од религијата и културата во исто време, а кои се корисни и за сегашноста“, рече државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пиетро Паролин, кој учествуваше во процесијата.

Прославата, која папата Фрањо ја спомна пред молитва Ангел Господов, започна околу 19:30 часот кога кардиналот пристигна во историскиот веслачки клуб Лацио.

Традициите ни помагаат да живееме добро во сегашноста

По пристигнувањето на кардиналот, беше откриена статуа на Пресвета Богородица, која кардиналот ја благослови и која веднаш потоа беше ставена на рамениците на осумина членови на Братството Марија Дел Кармин во Трастевере и се внесе на бродот. Бродот пловеше по реката од делот Лунготевера Фламинио до самиот влез во областа Трастевере и до мостот Гарибалди кај островот Тибер. Потоа процесијата помина низ соседните улици сè до црквата Санта Марија во Трастевере.

„Очигледно, мора да имаме свои корени“, истакна кардиналот Паролин, „бидејќи и корените на сегашноста мора да потонат во минатото, во убавите и добри моменти од минатото“. Тој на насобраните верници им посака ваквите „убави и добри традиции од минатото да им помогнат да живеат добро во сегашноста“.

Почетоците на прославата на празникот Мадона дел Кармин потекнуваат од 1535 година, кога група рибари пронашле статуа издлабена во кедрово дрво покрај реката Тибар. Статуата веднаш била прогласена за чудотворна и доверена на кармелитјанките од црквата Сан Крисогоно во срцето на Трастевере. Оттогаш, Богородица стана заштитник на тој римски кварт и се слави во јули.

Војните во Украина и Газа: потребна е меѓусебна доверба

На крајот од прославата, кардиналот одговараше на новинарски прашања за улогата на Ватикан во меѓународната дипломатија и залагањето за мир. Залагањето за мир без воени, политички или економски интереси отсекогаш било заложба на дипломатијата на Ватикан, повтори државниот секретар, додавајќи дека истото важи и за „спречување на конфликти“ и барање „праведни и трајни“ решенија кога ќе избијат конфликти.

Се разбира, додаде тој, не секогаш сме разбрани, но не можеме да се откажеме од тој „повик“, како и од определбата на Ватикан да се понуди „како простор каде што непријателите можат да се сретнат и да најдат место за преговори“. Кардиналот изрази сомнеж за актуелната ситуација во Украина и Газа и за можните преговори за завршување на војната, посочувајќи дека тука проблемот е довербата.

„Проблемите се јавуваат кога има минимум меѓусебна доверба“, рече тој и побара од Господа „да ги вдахнови оние што учествуваат во овие војни“, молејќи се особено за нивната способност да се вклучат во дијалог со другите.

Ваикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот