Кардинал Паролин: Каква култура предлага Европа денес

Кардинал Паролин: Каква култура предлага Европа денес

Фокусирајќи се на најитните предизвици со кои Европа се соочува и со намера да поттикне расправа, државниот секретар кардинал Пиетро Паролин, на 27 октомври 2017 година, во Ватикан ги поздрави учесниците на дијалогот на тема „Повторно размислување за Европа: христијанскиот придонес за иднината на ЕУ.“

Дијалогот е во организација на Советот на епископите конференции на Европската унија (COMECE), во соработка со Светиот Престол од 27 до 29 октомври 2017 година, по повод 60 годишнина од потпишувањето на Римските договори. На 28 октомври, на крајот од работниот дел, Папата се сретна со сите учесници на конгресот.

Покрај актуелните прашања – како што се економската криза; проблемот со мигрантите; конфликтите кои ги уништуваат не само медитеранските земји, туку вклучуваат и некои делови на европскиот континент; зголемувањето на популизмот и враќањето на национализмот; невработеноста, проблемите на младите и прашањето за животната средина – државниот секретар предложи повторно да се размислува и за темите на папата Фрањо кои можат да послужат како клуч за пронаоѓање заеднички решенија.

Основното прашање е како да се обнови идејата за Европа која во центарот ќе ја стави личноста со нејзините определувања за заедништво, вистина и правда. Осврнувајќи се на повикот на Папата да се обнови идејата за Европа, кардиналот изрази желба Европа да биде во состојба да создаде нов хуманизам заснован на интеграцијата, дијалогот и раѓањето.

Европскиот проект – рече кардинал Паролин – е човечко дело, и како такво има свои ограничувања, треба да се усовршува и затоа го заслужува нашето внимание и разбирање. Како христијани потпомогнати од верата сакаме да го дадеме нашиот придонес. Поттикнати од желбата да го бараме Божјиот град, заврши државниот секретар, не сакаме да ја заборавиме важноста за градење на заедница на луѓе.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот