Канцеларијата за печат на Светиот Престол објави соопштение за дводневната мисија на кардиналот Матео Зупи, пратеник на Папата, и извести дека Светиот Отец ќе биде информиран за резултатите од посетата, во однос на идните чекори што треба да се преземат на хуманитарното ниво, како и во потрагата по патишта за мир.
Посета со цел да се утврдат хуманитарни иницијативи кои можат да го отворат патот за постигнување мир – со овие зборови Светиот Престол во посебното соопштение го опишува патувањето во Москва од 28 до 30 јуни на кардиналот Матео Зупи, пратеникот на Светиот Отец, чии резултати ќе му бидат претставени на папата Фрањо во поглед на идните чекори што треба да се преземат на хуманитарно ниво, како и во потрагата по патишта за мир.
Во соопштението се споменуваат средбите што кардиналот ги имал, како што е средбата со Јуриј Ушаков, помошник за надворешна политика на претседателот на Руската Федерација и со Марија Лвова-Белова, комесарка на претседателот на Руската Федерација за правата на децата. Во разговорот силно беше истакнат хуманитарниот аспект на иницијативата, како и потребата од постигнување на толку посакуваниот мир – се наведува во соопштението.
При кратката посета на црквата Свети Никола во близина на Третјаковската галерија, кардиналот Зупи се помоли пред иконата на Пресвета Богородица Владимирска, на која и ја довери својата мисија. Пратеникот на Папата имаше плодна средба и со Кирил, патријарх московски и на цела Русија, на кого му ги пренесе поздравите на Светиот Отец, а со кого разговараше за хуманитарни иницијативи кои можат да помогнат за мирно решение.
Кардиналот се сретна и со членовите на Конференцијата на католичките бискупи на Русија, со кои, и заедно со голем број свештеници и во присуство на амбасадори и претставници на Министерството за надворешни работи, ја предводеше свечена Литургија во катедралата Мајка Божја во Москва. Тоа беше можност да се пренесе на католичката заедница близината, споменот и молитвата на Светиот Отец – се наведува во соопштението на Светиот Престол.
Ватикан њуз/к.мк