Потпретседателот на Федерацијата на азиските бискупски конференции размислува за растечкиот конфликт на Блискиот Исток, предупредувајќи дека дигиталното војување може да го направи насилството да изгледа далечно од човечкото страдање што го предизвикува.
Кардиналот Пабло Вирхилио Давид, потпретседател на Федерацијата на азиските бискупски конференции (FABC), предупреди дека современото војување ризикува опасно да се одвои од човечката стварност, додека ракетите и дроновите и понатаму летаат над Блискиот Исток.
Следејќи ги вестите за конфликтот, тој се осврна на начинот на кој се води војната, откако САД и Израел на почетокот започнаа, како што наведоа, превентивен удар врз Иран. Она што првично беше претставено како ограничена воена акција брзо прерасна во поширок регионален конфликт.
Иран возврати со бранови ракети и дронови, насочувајќи ги нападите не само кон Израел, туку и кон американските бази распоредени низ регионот на Заливот. Противвоздушната одбрана пресретнувала ракети над Турција, а, според извештаите, британска база на Кипар била цел на напад со дрон. Во меѓувреме, Израел ги прошири нападите кон север, врз Хезболах во јужен Либан.
За помалку од една седмица, конфликтот се прошири врз повеќе од десетина земји.
Војна преку екрани
Она што ја прави состојбата особено загрижувачка, истакна кардинал Давид, не е само размерот на конфликтот, туку и начинот на кој се води.
Голем дел од денешното војување се спроведува преку дигитални командни системи, дронови, сателити и вештачка интелигенција.
„Од далечни командни центри, воените оператори гледаат во екрани на кои мапи, радарски сигнали и цели генерирани од алгоритми се движат како икони во компјутерска игра. Се поместува курсорот. Се избира координата. Се прави клик. И ракетата се лансира“, рече тој.
Таквата технологија може да создаде впечаток дека војната е „чиста“ и контролирана. Но екранот не го покажува она што се случува кога ракетата ќе ја погоди целта.
Човечката цена
На земја, рече тој, се обични луѓе „чии животи немаат никаква врска со пресметките на генералите или со амбициите на политичарите: деца што спијат во своите кревети, мајки што подготвуваат оброк, стари лица што не можат доволно брзо да стигнат до засолниште“.
Кога ракетите ќе поминат низ противвоздушната одбрана, тие не исчезнуваат безопасно на небото. Тие експлодираат „таму каде што живеат луѓето, во станбени згради, болници, хотели, на преполни улици“.
„И кога чадот ќе се разотиде, жртвите не се симболи на екранот. Тие се човечки суштества“, нагласи кардинал Давид.
Работници заробени во конфликтот
Зборувајќи за Филипинците што работат во странство, тој гледа како последиците од конфликтот се шират далеку надвор од бојното поле.
Низ регионот на Заливот живеат милиони мигрантски работници кои ги напуштиле своите земји за да ги издржуваат семејствата. Меѓу нив има многу Филипинци вработени во домови, болници, хотели и на градилишта.
На море, илјадници морнари, многумина исто така Филипинци, служат на бродови што минуваат низ Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски коридори во светот. Доколку тие води станат воена зона, тие би биле меѓу првите што ќе се соочат со опасност.
Повик до совеста
„Економскиот шок од конфликтот ќе се почувствува далеку надвор од Блискиот Исток“, продолжи кардинал Давид. „Кога се загрозени нафтените рути и се нарушува транспортот, товарот често го носат ранливите земји што зависат од увозна енергија и од дознаките на работниците во странство.“
Во вакви конфликти, страдањето ретко останува ограничено само на фронтот.
За кардинал Давид, ова отвора вознемирувачко морално прашање: кој навистина има корист од војната? Тој одговори: „Секако не семејствата што ги погребуваат своите мртви. Секако не работниците што одеднаш се затекнуваат заробени во воена зона далеку од дома. Секако не сиромашните земји што ќе го апсорбираат економскиот удар.“ Користа ја имаат „индустриите што произведуваат оружје“.
Трагедијата на војната, размислува тој, не е само разурнувањето што го носи, туку и застрашувачката леснотија со која може да започне.
Тој рече дека мора да се постават прашања: „Кога човештвото ќе се разбуди од лудилото на војната? Кој ќе ги повика на одговорност архитектите на оваа војна? Кога моќни водачи започнуваат војни во име на ‘безбедност’ или ‘превенција’, дали светот само ќе гледа молчејќи?“
Во епоха кога одлуките може да се донесат со притискање на копче, човештвото треба да се запраша како е возможно војните да се започнуваат толку лесно. Тој заклучи: „Оние што командуваат преку екраните ретко ги гледаат телата.“
Ватикан њуз/к.мк

