На церемонијата на доделување одликувања во Европскиот парламент, кардиналот Пјетро Паролин го пренесе повикот на папата Лав XIV за обновени напори за зачувување на мирот во услови на растечки глобални тензии.
Пренесувајќи ги поздравите од папата Лав XIV на пленарното собрание на Европскиот парламент, кардиналот Пјетро Паролин одржа говор во кој истакна дека слогата меѓу народите е „ветување втемелено“ во вредностите на Унијата и дека мора постојано да се негува преку конкретни одлуки насочени кон заштита на мирот.
Кардиналот државен секретар беше во Европскиот парламент во Стразбур, откако беше избран да го прими инаугуративниот „Европски орден за заслуги“, кој се доделува на поединци што дале значаен придонес во европската интеграција, како и во промоцијата и одбраната на европските вредности.
Во основата на „заедничкото убедување“ на Унијата за потребата од промовирање и заштита на мирот, рече кардиналот, лежат вредности длабоко вкоренети во христијанската историја на Европа, кои и денес можат да понудат елоквентно сведоштво.
„Меѓу нив“, додаде тој, „прво и најважно е потврдувањето на човековото достоинство, кое е неповредливо и секогаш мора да биде заштитено во секоја фаза од животот“.
На крајот, кардиналот Паролин ја потврди подготвеноста на Светиот Престол да соработува со европските институции, за заедно да бидат „градители на мирот“.
Орден за заслуги
Европскиот орден за заслуги беше воведен по повод 75-годишнината од Шумановата декларација, почетната точка на европското единство.
Како што е наведено на веб-страницата на Европскиот парламент, ова е прво европско одликување од ваков вид што го доделуваат институциите на ЕУ. Тоа ги надополнува националните одликувања, признавајќи ги напорите што ја зајакнуваат Европа како целина.
Во време на глобална неизвесност, неговата цел е да ги потврди заедничките вредности преку оддавање признание на оние што ги бранат мирот, демократијата и човековото достоинство.
Меѓу дваесетте добитници на наградата, покрај кардиналот Паролин, беа и поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, поранешниот полски претседател Лех Валенса и поранешниот португалски премиер и претседател Анибал Кавако Силва.
Ватикан њуз/к.мк

