На 31 август, државниот секретар на Светиот Престол кардинал Пиетро Паролин одржа предавање на Меѓународниот онлајн конгрес „За мир и стабилност на Корејскиот Полуостров“, организиран од јужнокорејското Министерство за повторно обединување.
Кардиналот Паролин ја нагласи позицијата на Католичката црква дека за траен мир во Кореја е потребен постојан отворен дијалог, кој во прв ред треба да ги има во предвид заедничките точки, пред соочувањето со разликите. Темата на неговото предавање беше придонесот на христијанските цркви за мирот во регионот. Дијалогот насочен кон општествено и политичко пријателство се карактеризира со подготвеност да се „прифати другиот, да се следи и слуша“. Таквиот дијалог помага да се хуманизираат меѓусебните односи и да се надминат недоразбирањата, рече кардиналот Паролин. Тој наведе неколку повици на Папите во последните децении за дијалог, мир и помирување. Во изминатите две години, постоеше желба папата Фрањо да придонесе за помирување на корејските држави со посета на Северна Кореја.
Христијанската традиција учи дека основните елементи на мирот се хармонијата и пред сѐ редот. Така може мирот да се смета складно уреден. За да владее вистински мир во светот, правдата мора да се исполни со љубов кон ближниот и со храброст да се најде она што нѐ поврзува, што е трајна цел на ватиканската дипломатијата, рече кардинал Паролин.
На крајот на краиштата, мирот, не значи само отсуство на војна, туку долготраен и конструктивен плод на љубовта во општествениот и политичкиот простор, рече кардиналот Паролин, осврнувајќи се на енцикликата на папата Фрањо „Fratelli tutti“ од октомври 2020 година. Но, мирот нема да биде постигнат целосно додека правдата не се надополни со помирување, предупреди кардиналот.
Во своето предавање, кардиналот ги цитираше источните мудреци како Конфучие, кој смета дека добрите дела, самоконтролата и љубовта кон другите се неопходни за дијалог и мир. Мирот не е слабост или знак на недостатност и кукавичлук, мирот е ќерка на праведноста и љубовта, рече кардиналот Паролин.
Ватикан њуз/к.мк