Иако многумина од нас во летниот период заминуваат далеку од домот, често со себе ги носиме сите причини за нашата вознемиреност.
Англискиот збор vacation, односно одмор, потекнува од латинскиот збор vacare, што значи „да се биде празен, слободен или во слободно време“.
Подоцна, во англискиот јазик овој збор почнал да означува „ослободување од обврски, слободно време, олеснување“.
Во суштина, тоа значи дека кога сме на одмор, сме ослободени од обврските на секојдневниот живот и ни е дадена можност да бидеме „празни“, слободни и да го поминеме времето во вистински одмор.
За жал, одморот не секогаш се чувствува како слобода, особено кога патуваме со семејството или кога сме родители на мали деца.
Не помага ниту тоа што најчесто со себе ги носиме уредите што нè држат поврзани со светот и со нашите обврски. Можеме да поминеме една недела на плажа, но ако целото време го поминеме во скролање на телефонот, истото што го правиме дома на каучот, тогаш не сме навистина слободни.
Вистинска слобода
Одморот може да биде покана да вежбаме поголема самоконтрола, за да достигнеме подлабока слобода по која жеднее нашата душа.
Наместо за време на одморот постојано да бидеме залепени за телефоните, можеби најдоброто што можеме да го направиме е да ги исклучиме и да ги оставиме во хотелската соба.
Секако, има моменти кога навистина ни се потребни. Но дали навистина треба да ја проверуваме работната електронска пошта дванаесет пати дневно, особено ако веќе сме им кажале на претпоставените и колегите дека нема да бидеме достапни.
Кога се исклучуваме од телефоните, нашето срце станува поподготвено да се отвори за Божјата благодат што обновува. Колку повеќе се ослободуваме од непотребните работи, толку послободни стануваме да го слушнеме Божјиот глас.
Вистината е дека во современиот свет, каде што речиси секој може да работи од дома, сè поретко си дозволуваме вистински, старомоден одмор.
Свети Иван Павле II во една порака пред молитвата Ангел Господов во 1997 година накратко објасни што го прави одморот вистински одмор.
„За одморот навистина да биде одмор и да донесе вистинска благосостојба, човекот во него треба повторно да ја најде добрата рамнотежа со себе, со другите и со околината. Токму оваа внатрешна и надворешна хармонија го оживува умот и ги обновува телото и духот.“
Следниот пат кога ќе планираме одмор, вреди да размислиме како да создадеме подобра рамнотежа што ќе донесе вистинска слобода. Така, по одморот ќе можеме да се вратиме во секојдневието не само со нови спомени, туку и со обновена сила, мир и духовна свежина.
Алетеја/к.мк

