Исус излекува двајца слепи

Исус излекува двајца слепи

Размислување за Седмата недела по Педесетница според Евангелието по Матеј 9,27-35

„Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!” 30. И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте никој да не узнае! (Матеј 9,29-30).

Драги браќа и сестри во Христа, во денешното евангелско читање го слушнавме настанот како Спасителот исцелува двајца слепи и еден нем и бесен човек.

Исус беше во близина на градот Капернаум, каде што ја воскресна ќерката на Јаир, началникот на синагогата. Двајца слепи го следеа Исус и извикаа: „А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: „Помилуј нè, Исусе, сине Давидов!” А штом дојде в куќи, слепците се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Тие му рекоа: „Да, Господи!” Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!” И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте никој да не узнае!” (Матеј 9, 27-30).

Слепите прогледале само со еден збор кажан од Спасителот; затоа што верата и љубовта прават чудо. Непоколебливата вера на овие слепи и љубовта Христова создава чудо: тие прогледуваат.

Господ ги лекува и опседнатите со ѓаволи преку верата на луѓето кои го доведоа овој несреќник кај Него. Луѓето, сведоци на овие настани, ги гледаа Божјите извонредни чуда, љубов и милост. Сепак, како реагираат? Некои велат дека досега не виделе вакво нешто, дека ова не се случило во Израелот, се изненадени и среќни од она што го виделе, размислуваат за нивните животи. Другите, напротив, се љубоморни поради нивната злоба. Многу се слични на фарисеите, бидејќи тие исто така го обвинуваат Христос дека ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите. Колку често токму оваа фарисејска злоба, бес и завист ги погодува и нашите срца, па така гледајќи некој радосен настан во животот на некој наш ближен, започнуваме да завидуваме, да се нервираме, да навредуваме.

Можеме да плачеме со оние поминуваат низ големи маки, кои поднесуваат болка и големи страдања, со нив можеме да сочувствуваме. Но, многу ни е потешко да се радуваме со оние кои се радуваат, бидејќи фарисејската завист е таа што ја убива љубовта во нас. И тогаш стануваме неспособни да споделиме туѓа радост.

Апостол Павле нѐ поучува: „Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја.“ (Римјаните 15,7). Христос ги прегрнува сите со Својата љубов: слепиот, опседнатиот, куциот и болниот; луѓе од сите националности, култури и јазици. Ги прима сите – Неговата љубов е толку голема што станува извор на чудесни исцеленија и човечко спасение. Колку е мала нашата љубов во споредба со Христовата?

Ни недостасува сила и љубов да прифатиме не само некој странец, патник или болен, туку во повеќето случаи дури и оние кои ни се блиски и драги: жена или сопруг, татко или мајка, роднини, деца. Секогаш немаме ниту време ниту енергија да си служиме еден на друг. Колку е далеку нашиот зафатен живот од христијанскиот живот.

„Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси: секој од вас должен е на својот ближен да му угодува во доброто за поука. Оти и Христос не угоди на Себеси, па како што е напишано: Хулењата на оние, што Те хулеа, паѓаа врз Мене” (Римјаните 15, 1-3). Секој од нас треба да му помага на својот ближен, а не да му завидува, како фарисеите, кои му завидуваа на Христа и ги гонат луѓето врз кои Тој ја излеа Божествената благодат. Тие ги изгонија и овие слепи, забранувајќи им да зборуваат за Христос.

Ние, драги браќа и сестри, мораме да го наследуваме Христос, да ја дадеме Неговата љубов на сите оние на кои им треба искрен збор на поддршка и утеха од нас. Треба да ги наследуваме оние луѓе чија вера ги доведе до чудесно исцелување; да ги наследуваме овие слепи луѓе, бидејќи сите сме духовно слепи; и оние опседнатите, бидејќи сите сме врзани со страсти и обвиени во гревови. Посебно треба да ги наследуваме оние луѓе кои оставајќи ги сите свои работи, проблеми и грижи, со својата вера и љубов ги водат своите ближни кон Христа. Да се потсетиме на настанот за исцелувањето на фатениот: колку биле храбри и упорни неговите пријатели кои не можеле да му пријдат на Христа затоа што имало многу луѓе околу Него. Што направиле? Го растурија покривот на куќата и го спуштија својот болен пријател кај Спасителот.

Христос не се грижеше за себе, не се сожали Себеси, не си угоди Себеси, туку на нас, сите слаби луѓе ни угодува. Ова е примерот по кој треба да се држиме и да го следиме.

„Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие помеѓу себе, според примерот на Христа Исуса, 6. та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос“ (Рим. 15:5-6).

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот