Историска декларација за мир, слобода и права на жените

Историска декларација за мир, слобода и права на жените

Во документот кој на 4 февруари во Абу Даби го потпишаа папата Фрањо и големиот имам од Универзитетот Ал – Азхар Ахмад Ал Тајиб се осудува тероризмот и насилството и порачува дека Бог не сака неговото име да се користи за угнетување на луѓето.

„Декларацијата за човечкото братство за мир во светот и заеднички соживот“ не е само пресвртница во односите помеѓу христијанството и исламот, туку исто така е порака со силно влијание на меѓународната сцена. Во предговорот се истакнува дека „верата го води верникот во другиот да го види братот кој треба да се подржи и љуби“, и се зборува како за документ, кој со промислена искреност и сериозност ги повикува сите луѓе кои во срцето ја носат верата во Бог и верата во човечкото братство како би се обединиле и заедно би работеле.

Документот започнува со низа повици. Папата и големиот имам зборуваат во име на Бог, кој го создаде секое човечко битие со еднакви права, должности и достоинство; во име на невините човечки души за кои Бог забрани да се убиваат; во име на сиромашните, сираците и вдовиците; бегалците и прогонетите, како и сите жртви од војни и прогонства. Ал – Азхар заедно со Католичката црква изјавува дека ќе ја прифати културата на дијалог како пат; заедничка соработка, како и меѓусебното познавање како метода и критериум.

Со документот бараме од себе и од светските лидери, градителите на меѓународната полтика и светската економија сериозно да се ангажираме за ширење на културата на толеранција, соживот и мир; дека ќе работиме, што е можно побргу, како би го запреле крвопролевањето на недолжната крв и прекин на војните, судирите, уништувањето на животната средина, како и културно и морално пропаѓање низ кое поминува сегашниот свет, стои во декларацијата.

Двајцата верски лидери истакнуваат дека меѓу најважните причини за кризата на современиот свет е умртвената човечка совест и отуѓување на верските вредности, како и преовладувањето на индивидуализмот и материјалистичката филозофија. Препознавајќи ги позитивните чекори на современата цивилизација, декларацијата нагласува дека назадува етиката, слабеат духовните вредности (…) како и чувството на одговорност, многумина ги доведува до пад, или во вртлогот на атеистичкиот и агностичкиот екстремизам, или во верски интегрализам, како и во слеп екстремизам и фундаментализам. Верскиот и националниот екстремизам заедно со нетолеранцијата произведоа знаци за Трета светска војна во делови.

Папата и големиот имам исто така истакнуваат дека големите политички кризи неправдата и недостатокот на праведна распределба на природните залихи, кои ги користи само малкумина богати на штета на повќето народи на земјата, предизвикаа, а тоа и понатаму го прават, голем број болести, луѓе во потреба и мртви, поттикнувајќи смртоносни кризи чиј што жртви се многу земји. Во однос на тие кризи кои доведуваат до изгладнување на милиони деца, владее меѓународна неприфатлива тишина.

Важно е семејството како и важноста за будење на религиозното чувство посебно кај младите како би можеле да се соочат со тенденциите за индивидуалистички, егоистички конфликтен, слеп радикализам и екстремизам во сите облици на неговото изразување, пишуваат во декларацијата папата Фрањо и големиот имам Ал – Тајиб и потсетуваат:

Создателот ни дарува живот за да го чуваме. Тоа е дар кој никој нема право да го одземе, загрози или да манипулира по сопствено убедување. Затоа ги осудуваме сите пракси кои го загрозуваат животот како што се геноцидот, терористичките дела, насилните преселби, трговијата со органи, абортус и евтаназија, како и политиката која сето ова го подржува.

Тие исто така изјавија дека религиите никогаш не поттикнуваат војни и омраза, непријателство и екстремизам, и дека не повикува на насилство и крвопролевање. Тие несреќи се плод на отстапување од верското учење, како и на политичка употреба на религијата, па и толкувањето на верските групи на луѓе.

Поради тоа молиме да престане религијата да се користи како би се поттикнувало омраза, насилство, екстремизам и слеп фанатизам, и да престанат да го користат името Божјо како би ги оправдале убиствата, прогонствата, тероризмот и угнетувањето. Папата и големиот имам напоменаа дека Семоќниот Бог не треба никој да го брани и дека не сака Неговото име да се користи за угнетување на луѓе.

Декларацијата потврдува дека слободата е право на секоја личност. Секој треба да ужива слобода на верување, мислење, изразување и делување. Плурализмот и различноста на религијата, бојата, полот, расата и јазикот се мудра Божја волја. Токму од божествената мудрост произлегува правото на слобода на верување и различност. Поради тоа се осудува присилувањето на луѓето да се придружат на одредена вера или култура, како и наметнување на цивилизацискиот стил, кој не го прифаќа другиот.

Потоа се наведува дека заштитата на местата за молитва: храмови, цркви и џамии е должност која е гарантирана од религијата, човечките вредности, законите и меѓународните договори. Секој обид за напад на местата за молитва или нивно загрозува со атентати, експлозија и уништување е отстапување од учењето на религијата како и јасно кршење на меѓународното право.

Во документот се наведува дека е потребно во општеството да се постави концепт за полно граѓанство и да се откаже од дискриминаторското користење на изразот „малцинство“, кој со себе носи чувство на изолираност и потчинетост. Декларацијата ја истакнува неопходната потреба од признавање на правото на жената на образование, работа и остварување на сопствените политички права. Понатаму се спомнува дека мора да се работи за ослободување од историските и општествените практики кои се спротивни на принципите на сопствената вера и достоинство.

Мора да се запрат сите нечовечки пракси и прости обичаи кои го понижуваат достоинството на жената и да се работи на промена на законите кои спречуваат жените во потполност да ги уживаат своите права.

Потребно е да се осуди секоја пракса со кои се повредува достоинството и правата на децата, истакнуваат папата Фрањои големиот имам Ал Тајиб. Исто така е важно да се бдее над опасностите на кој се изложени, посебно во дигиталниот свет, а трговијата со нивната невиност и секоја повреда на детството треба да се смета за злосторство.

На крајот од декларацијата на Универзитетот Ак – Азхар и Католичката црква бараат овој документ да стане предмет на истражување и размислување во сите училишта, универзитети и образовни и воспитни установи, и се надеваат дека декларацијата ќе стане симбол за прегратка помеѓу Истокот и Западот, северот и југот.

ика/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот