Од 6 до 12 август 2017 година младите од скопската парохија учествуваа на 3. Интернационален камп за млади на Модраве – Хрватска. На кампот учествуваа претставници од Македонија, Хрватска, Германија, Англија, Хонг Конг, Полска и Украина. За време на шестдневниот камп младите се сместени во шатори, кои се наоѓаат веднаш до морето, изолирани од технологијата и усмерени кон едноставноста и кон сета природна убавина која Бог ја дарува.
На овој камп младите имаа можност да ја согледаат убавината на едноставниот живот, без технологијата која денес младите ги оттуѓува едни од други и ги става во еден оклоп кој постојано ги притиска, обидувајќи се да ги промени за да се „вклопат“ во денешниот модерен свет. Интересен предизвик за младите беше тоа што садовите ги миеја со земја и ги плакнеа во морето кое им служеше и за лична хигиена (бањање, миење заби, перење на облеката).
Секој ден им беше исполнет со молитва, работа (во поле, чистење на кампот, работа во кујна), одмор, света Литургија, катехеза и дружење. Иако младите беа од различни краеви на светот, сите заедно функционираа како едно големо семејство и што е најважно во сите разговори за темел го имаа Бог.
Младите се вратија збогатени со едно несекојдневно искуство кое ќе им остане во сеќавање и ќе им помогне во нивниот духовен раст.
к.мк