Зошто е толку тешко да се моли?

Зошто е толку тешко да се моли?

Зошто е толку тешко да се моли? Зошто е има постојана борбата за да се свиткат колената пред Бог и да се започне да се бара Неговото лице? Зошто постои постојан духовен отпор, вистинска сила која доаѓа против вас кога донесувате одлука дека ќе се молите?

Без овие борби во умот тешко е да се разбере како да се моли постојано како што вели свети Павле во своето послание до Колосјаните. Не верувам дека Светиот Дух го вдахнал апостол Павле да го напише овој ред без Бог да го наменил тој да стане реалност во животот на секој верник.

Апостол Павле оди толку далеку што предлага дека треба да се молиме по цел ден, за да можеме со Бог да комуницираме во текот на целиот ден, во било која ситуација. Во своето послание до Тимотеј вели дека сака да ги подигаме рацете кон Бог во молитва без гнев и расправии. Така што не само што треба да имаме навика за да одиме во својата ќелија на молитва и таму да го бараме Божјото лице, туку би требало и целиот ден да го поминеме во молитвен став. Моли насекаде: на работното место, додека пеглаш, правиш ручек, извршуваш било какви работи, моли постојано, разговарај со својот Исус – ПОСТОЈАНО! Па дури и кога си навреден од страна на својот шеф. Моли! Зборот гнев во токму прочитаниот текст од посланието до Тимотеј значи да се биде слободен од лутина, или подобро кажано да се биде слободен од желбата за казна на луѓето кои ти направиле неправда. Така можеш да видиш како Бог ти наменил да молиш за другите луѓе со чиста совест.

Апостол Павле понатаму вели: Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ – со молитва и молба, со благодарност – принесете ги своите молби на Бог. Ако погледнеме малку подобро во грчкиот текст тогаш ќе видеме дека зборот ништо во суштина значи никој, ниту една личност. Со други зборови, Бог сака да ни каже дека не треба да се грижиме за ниту една личност. Предајте ги во моите раце без оглед на околностите. Без оглед дали се работи за безбожен член на семејството, или за колега од работа кој не верува во Исус, или за некој кој во животот ти прави само проблеми. Едноставно донеси ги своите барања пред Бог во молитвите и однапред заблагодари му се што веќе ти одговара. Не донесуваш пред Бог работи кои Нему му се веќе познати. Знаеш и самиот што вели Словото Божјо, така ти во суштина само се подложуваш на она што Бог во молитвата веќе го ветил дека ќе го направи. Тоа е причина поради која можеме веднаш да се заблагодариме. Затоа Исус вели во евангелијата да се молиме како веќе да сме примиле, да имаме вера дека Бог ќе ни го даде тоа што го бараме. Затоа, според Писмото, молитвата треба да биде нашиот природен одговор на Божјиот повик. И сега повторно се прашуваме, ако е сѐ ова вистина во Библијата, зошто е тешко да се моли?

Она што е многу важно да се знае веднаш на почетокот е тоа дека сатаната ќе се спротивставува на твојата молитва затоа што знае дека таа е твојата животна врска со Бога. Од самите почетоци Бог сакал да има однос со човекот, што секако дека и значи со тебе. Бидејќи во молитвата ја добиваме целосната потребна сила, штом се одлучиме да молиме сатаната тргнува со своите обвинувања за недостојност и промашеност. Најголемата сатанска лага е во тоа да ни го претстави Бог како некој кој нѐ набљудува веќе долго време и ги гледа сите наши падови, па поради тоа веќе немаме право да одиме пред Него. Ако поверуваш во тие лаги, ќе ја промениш и сликата за Бог и ќе почнеш да гледаш како на некој кој те набљудува со лутина и негодување, ќе почнеш да се плашиш од Бог на негативен начин.

Сатаната ја познава историјата. Знае дека имало мажи и жени кои имале храброст да одат во Божјото присуство и да ги прифатат сите ветувања од Него кои го уништуваат сатанското царство. Градил ѕидови околу луѓето со години, и последно што треба е некој од луѓето да стане и влезе во Божјите ветувања. Така да ќе те обвинува и осудува, ќе направи сѐ, само да те спречи да молиш на таков начин. Во оваа точка треба да го потсетиш сатаната на Крстот и на неговото целосно значење. Кога Исус отишол на крстот целиот Божји гнев на гревовите врз човештвото во тој момент бил излеан врз Него. Ако веруваш во Исуса не можеш да бидеш осуден. Исус го победил со своето славно Воскресение. Сега си во Христос и ти седиш во целата негова победа оддесно на Отецот. Имаш привилегија низ молитвата да дојдеш до својот Отец. Твоите дела на праведност не ти го даваат тоа; оваа голема чест излеана е над твојот живот по неговата милост и милосрдие. Иако можеби си имал најлош ден во животот од кога си христијанин, ќе имаш повторна шанса и право храбро да дојдеш пред престолот Божји, и да имаш сознание дека од Христос потполно си прифатен. Затоа Писмата велат ако е Бог со нас кој е против нас. Кој може да те осуди ако Христос те оправдал. Пророкот Исаија ни зборува малку за нашите права кои ги имаме преку Христа, кога отприлика вели вака: Никакво оружје ниту никаков пагански јазик не може да стане против тебе, затоа што на судниот ден ќе ги осудиш. Ова е наследството на Божјите слуги. Така кога сатаната ќе те обвинува слободно кажи му вака: „Сатано, јас не сум овде поради своите сопствени праведности, јас поверував во Христос, и Тој го купи моето откупување. Тој ме повика пред престолот Божји, па поради Неговата милост јас сум овде пред Него да ги искажам своите молби за благодарност. Со песна излеј го Својот Дух!

Денес имаш сила да ги отфрлиш сите сатански мисли и слики, затоа што не е наше да се бориме против крв и месо, и оружјето кое го имаме во таа духовна борба не е телесно. Дури и најслабите светци имале сила против злото и мракот. Ние знаеме дека Исус е нашиот откупител, нашата праведност, и нашето простување. Тој е нашата директна врска со престолот Божји. Тој е нашиот Голем Свештеник кој нѐ повикува да одиме смело пред престолот за да ја пронајдеме милоста која ќе ни биде од помош за нашите потреби. Зборот смело овде би можело да се преведе како доверба. Дојди со доверба пред престолот Божји и ќе почнеш да сфаќаш дека јас сум Господ.

Постојат три причини зошто на многу луѓе им е тешко да молат и зошто на крајот се откажуваат од молитвата. Овие причини се доста слични, но не се идентични, затоа бидете внимателни во нивното слушање.

Првата причина лежи во фактот што нашиот живот не оди во насока на Божјата волја, со својот живот не ја исполнуваме Божјата цел за својот живот и за животот на своите ближни и околината. Може да се случи да тргнеме по Исуса со неверојатно воодушевување, да одиме на молитвени средби, да ги прафаќаме сите Божји ветувања за себе и да веруваме во нив. Во почетокот доаѓаме пред Бога со детска невиност. Но сепак Бог не сака да останеме во тој младешки занес засекогаш. Бог има план да го прошири евангелието по сите краеви на светот и сака да се користи со луѓето во постигнувањето на оваа цел. Проблемот настанува кога многумина тргнуваат по тој нов пат на молитва со воодушевување но не се подготвени за вториот дел, не се подготвени да тргнат по Божјите патишта, оние патишта кои Бог ги зацртал за секој еден од нас. Понесени се од желбата за лична награда и исполнување, и токму таа желба влијае на нивниот молитвен живот. Последицата од ова е дека таквите луѓе никогаш не ги напуштаат некои свои гледишта за духовниот раст и живот и очекуваат Бог да ги задоволи нивните себични молитви. Бог не одговара на себичните молитви, на молитвите кои немаат цел за прослава на неговото име, молитвите кои само ги задоволуваат нашите потреби. Затоа пред сѐ неопходно е да се запознаеме со Божјата волја за нашиот живот и да се одлучиме на посветеност кон исполнување на таа волја низ целиот наш живот, тогаш нашите молитви од себични ќе се променат за прослава на Божјото Име. И тоа е она што е најважно. Ако сакаш да влезеш во Божјиот благослов, ако сакаш да молиш со сила и авторитет прво поклони се на Исус и Неговата пресвета волја за тебе, тогаш ќе бидеш подготвен да влезеш во Авраамовиот благослов.

Втората причина е дека постои некој неисповедан грев, некој грев кој не си го признал и на самиот себе, а уште помалку на Бог и на другите. Исаија вели дека Божјата рака не станала пократка за нашите потреби, ниту неговите уши оглушале на нашите молитви. Но, нашите беззаконија нѐ одвоиле од Бог, и нашите гревови го сокриле неговото лице пред нас за да не слушнеме. Овде не зборувам само за личноста која се бори со некои своите гревови и се обидува да не ги прави, туку за личноста која свесно греши и што тоа станало грешна пракса. Знаеш дека тоа е грев, но сепак своеволно си одлучил да продолжиш и понатаму да грешиш, и го правиш она што ти го заробува срцето. Одиш во молитвената ќелија и се чудиш што не можеш да допреш до Бога. Твоите беззаконија те оддвоиле од Бог. Господ секогаш ќе те враќа на подрачјето на твојата непослушност. Можеш со години да одбегнуаш нешто со кое треба да се соочиш, но Бог не заборава. Ова е добро видливо кај Јаков. Знаеме дека Јаков го добил благословот од татко му Исак така што излажал и се претставил на слепиот татко како својот брат Исав. Затоа морал да си замине од татковиот дом и после тоа во прогонство се мачел 14 години додека Бог не го повикал на одговорност. Писмото вели дека Јаков цела ноќ се борел со Бог. Во зората кога Јаков одлучил да биде искрен пред Бог, Бог го враќа назад до таа клучна лага која ја изрекол години наназад. Бог никогаш не ја заборавил таа лага и затоа Јаков сега се соочил со неа. Откако лагата била решена на Јаков му е дадено ново име и така влегува во благословот на својот дедо Авраам. Како Јаков и ти треба да бидеш искрен со Исуса и да го доведеш својот живот во согласност со Божјата волја. Денес одлучи да го отфрлиш секој грев кој те сопнува и го заробува твоето срце. Иако се чувствуваш слаб сепак смело можеш да дојдеш пред Господа и да го замолиш да ти даде сила и милост тоа да го победиш.

И третата причина лежи во погрешното разбирање на она што е молитва. Да се молиш не значи со вознемиреност да се доаѓа до Бога, да се исплачат море од солзи. Повторно го гледаме зборот вознемиреност. Вознемирени ќе доаѓаме до Бог само ако поверувавме во лагата на непријателот. Секако дека после таквата молитва изгледаме како да не прегазил камион, а не како некој кој разговарал со својот љубен Отец. Како некој во таква вознемиреност во молитвата ќе ја препознае Христовата победа во нас? Што е тогаш молитвата? Молитвата е познавање на Божјите мисли. Тоа е напредување кон напред во верата и довербата. Тоа е откривање на онаа за што Бог размислува. Дали знаеш дека Бог постојано мисли на тебе и дека те познава повеќе отколку било кој од твоите ближни. Бог ќе почне да ти зборува и работи над твојот живот натприродни работи, работи кои ти никогаш не би успеел да ги направиш со своите сили. Бог зборува на оние кои во молитвата влегуваат со отворено и искрено срце, прифаќајќи ги сите Божји ветувања. Така многу промени ќе се случуваат во оние кои се нарекуваат Негови. Другите ќе ги набљудуваат чудата кои се случуваат во твојот живот. Ќе ги видат промените во подрачјата кој ти не си можел да се промениш: лагата ќе се претвори во зборување на вистината, себичноста ќе прерасне во великодушност, а стравот ќе се замени со мирот кој ни го дава Христос.

Апостол Павле во Новиот завет зборува за луѓето кои се посветиле за служење на светите. Тие исто така, го почувствувале натприродното дело Божјо во својот живот; можеби тие тргнале со себични желби, но сега им бил дарувн дарот на гостопримливоста. После овие неверојатни промени, логично е дека тие луѓе сакале уште од Бог. Немој сега да престанеш Боже, продолжи да ме променуваш. Нашата молитва исто така треба да биде таква. Боже, зошто би те ограничувале? Немој никогаш да кажеш дека сега е доста Господи, доволно си направил, доволно си ме променил. Треба да молиме: Сакаме уште од твоите зафати во нашите живои, ни требаат уште од твоите чудни зафати. Каков возбудлив живот ги очекува Божјите чеда. Да се сетиме само на малиот Давид кога влегол во борба со дивиот Голијат. Давид не бил искусен војник, бил само момче со прачка, кој ги чувал овците и комуницирал со Бог. Научил дека Бог дава сила на оние кои го слушаат и веруваат во неговите ветувања. Можел да заколе лав и мечка со голи раце со помош на Божјата сила. Кога влегувал во борба со Голијат, верувам дека тргнал со молитвата. Ти денес можеби се соочуваш со својот Голијат. Твојот Голијат можеби е болеста, болното дете, финансиските проблеми, проблемите во бракот, рани, стравови, несигурности, проблеми на работа итн., итн… Како се соочуваш со својот Голијат. Имаш два избори; ќе постапам како Давид и храбро ќе влезам во борба со него знаејќи на какви Божји ветувања стојам или ќе поверувам во лагата на непријателот дека тоа е премногу за мене. Бог вели дека ова е само почеток. Имаш ли храброст да веруваш во Бога? Имаш ли храброст да одиш по него? Имаш ли храброст да го ставиш својот живот во неговите раце и да дозволиш директно да му зборува на твоето срце. Треба да се превземат одредени чекори, треба да се победат некои победи. А се почнува со тоа да го замолиш Господа прво да ги победи сите противници во твојот живот. Кога почнуваш да одиш во Божјите победи, сфаќаш дека не постојат граници на Божјата семоќ и на она што Тој може да го направи во твојот живот. Од денес, што и да одлучиш да правиш и кога и да одлучиш да реагираш на Божјиот повик, Бог ќе ти даде сила за тоа…

Духовност.нет/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот