Канцеларијата за печат на Светиот Престол јави дека неодамнешните подобрувања на здравствената состојба на Папата „дополнително се консолидирани“, но забележува дека ќе треба да остане во болница уште неколку дена. Папата учествува преку видео врска и во утринските и во попладневните предавања на духовните вежби на Римската курија.
Во понеделник вечер, 10 март 2025 година Канцеларијата за печат на Светиот Престол го објави следното соопштение за здравјето на папата Фрањо:
„Клиничката состојба на Светиот Отец останува стабилна.
Подобрувањата забележани во претходните денови се дополнително консолидирани, што е потврдено и од испитувањата на крвта и со клиничките наоди, како и со добриот одговор на Папата на фармаколошката терапија.
Од тие причини лекарите денеска одлучија да ја укинат неизвесноста на прогнозата. Сепак, со оглед на сложеноста на клиничката слика на Папата и тешката инфекција присутна во моментот на хоспитализацијата, сепак ќе биде неопходно да се продолжи со фармаколошки третман во болнички услови уште неколку дена.
Утрово Светиот Отец можеше да ги следи духовните вежби преку видео врска од салата Павле VI; потоа прими света Причест и се молеше во капелата во приватниот апартман.
Попладнето повторно се приклучи на духовните вежби на Курија, следејќи ги преку видео врска. Во текот на денот тој наизменично се молеше и одмараше “.
Духовните вежби на Римската курија, кои се одржуваат секоја година, започнаа во недела попладне во салата Павле VI, а ги води проповедникот на Папскиот дом, капуцинот патер Роберто Пазолини.
Ватикан њуз/к.мк