За симболиката и теолошкото значење на Пепелница

За симболиката и теолошкото значење на Пепелница

Обредот на пепелосување е посебен израз на христијанската вера и надеж

„Memento, homo, quia pulvis es, et in pulverem reverteris“, што значи „Сети се човеку, дека си прав и дека во прав ќе се вратиш“, тоа се зборови кои свештеникот ги изговара на празникот „Пепелница“ додека става пепел на нашите глави. Обредот на пепелење е посебен израз на христијанската вера и надеж. Исус Христос, кој во сосема одредена смисла e „новиот Адам“, го ослободува човекот од гревот, од смртта, дарувајќи му на човекот благодат на оправдување и можност за вечен живот.

Вечниот живот е незаслужен дар на човекот – грешникот. Да се потсетиме на зборовите кои Јахве, Бог, му ги рече на нашиот праотец Адам после првиот човечки грев, после падот во грев со кој во смрт го вовлече целиот човечки род. „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во неа ќе се вратиш!“ (Битие 3,19).

Пепелта е прав која останува откако огнот згаснува: ја симболизира ништовноста на човечкиот живот, неговата маленкост и минливост. „Еве, се осмелив да Му проговорам на Господа, – проговори Авраам – иако сум земја и пепел.“ (Битие 18,27). На многу места во Стариот Завет се спомнува пепелта, знак за покора и преобраќање, целосно отвoрање кон Бог, со молитва и повикување. Така и во библиската книга „Јудита“ читаме: „Тогаш Јудита падна ничкум, си ја посипа главата со пепел и го фрли костретот од себеси што го носеше. И токму тогаш, кога во Ерусалим, во домот на Господа, кадеа со вечерен тамјан, таа, пак, извика со висок глас кон Господа…“ (Јудита 9,1). (…)

Во пресрет на празникот Пепелница важно е да се обрне внимание и на книгата од пророкот Јоил, кој делувал во првата половина од 4. век пред Христос, и го пренесува повикот на Јахве на покора: „Но и уште сега вели Господа: обрнете се кон Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание. Раскинете ги срцата свои, а не облеката и обрнете се кон Господа вашиот Бог: зашто Он е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува за злото.“ (Јоил 2, 12-13).

Но, од земјата и пепелта се раѓа нов живот. Да се потсетиме на митскиот феникс, птицата која од миризливите гранчиња направи гнездо и во него изгоре од сопствената топлина. По некое одредено време оживува и се воздигнува од својата пепел. Иако станува збор за погански мит, христијаните, уште во првата половина на 3. век и во времето на учителот Ориген, го сметале феникс за света птица и симбол за нескршлива волја за преживување, победа на животот над смртта. Во средниот век феникс бил симбол на Христовото воскресение. (…)

Да дозволиме на празникот Пепелница да бидеме посипани со пепел, со зборовите на свештеникот „Обратете се и верувајте во Евангелието!“, значи да дозволиме огнот на Божјата љубов да нѐ допре и во пепел да ги претвори нашите гревови и Божјата милост на „Чистата Среда“ да ги очисти нашите души и тела. Душата ја чистиме со молитва, а телото со пост. Со одрекувањето на јадења, пиења како и други телесни задоволства – не ги умртвуваме телото и душата, туку ги прочистуваме од прекумерната приврзаност и склоност. На тој начин ги вклучуваме во неуништив живот кој е даруван преку Исусовата смрт на крстот и Неговото победоносно Воскресение.

Велигденскиот пост нѐ повикува на преобраќање. Тоа значи голема и важна, а не некоја мала и површна промена. Преобраќањето е преврт, свртување на целиот човек кон Бога. Во Стариот Завет еврејскиот израз „шуб“, кој го преведуваме како „обраќање“, буквално значи „заврти се“, „врати се“. Кога Бог, кој е Седржител, Владетел на Универзумот, ќе го ставиме во центарот на нашиот живот, т.е. на прво место, многу други работи во нашиот живот ќе дојдат на своето место, на вистинското место. А на човекот му е најтешко да биде тоа што е. Да се обратиме значи да го насочиме кон Бога сопствениот живот и да се вратиме при себе. (…) Да се обратиме воедно значи дека цврсто сме одлучиле да тргнеме против струјата, против лежерната секуларизација и духовната просечност на светот и се спротивставуваме на сопствените недоследности и слабости.

„Пепелница„ во тој поглед, или подобро речено, во таа преспектива нѐ потсетува на христолошката и сотиролошката вистина дека по завршувањето на долгата мрачна ноќ при престојот во гробот, во прегратката на смртта – надоаѓа пепелничавата предзора, која се наоѓа на преминот од смртта во живот, и бргу нѐ воведува во животоносната светлина на воскресното утро, во Христовата светлина и белина на Воскресението.

Ватикан.њуз/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот