За Неделата на Словото Божјо

За Неделата на Словото Божјо

Оваа недела целата Црква ја слави Неделата на Божјото Слово, со што намерата на Црквата е ние христијаните Словото Божјо да го препознаеме како живо слово, затоа што Божјото Слово е живо, кое има сила да ги менува нашите животи. Папата воспоствувајќи ја од 2019 година Неделата на Словото Божјо да се слави на секоја трета недела од литургиската година, и оваа одлука ја донесе во годината која се одбележуваше 1600 години од смртта на свети Јероним, црковен отец, кој бил многу го сакал Светото Писмо, а истовремено бил и голем познавач на истото, човекот кој целото Свето Писмо го преведува на латински и човек кој ја кажал познатата реченица: „Непознавањето на Светото Писмо е непознавање на Христос.“ Кој не го познава Светото Писмо не го познава Исус Христос. Да не се лажеме дека знаеме нешто за Христос, ако не го познаваме Светото Писмо. Тоа е Божјо Слово, целиот Стар Завет го најавува Христовото доаѓање, а во Новиот Завет апостолите докажуваат дека преку Него се исполнети старозаветните ветувања. Тој, Христос е овоплотеното Слово Божјо и преку Него сè е создадено.

Во Евхаристијата преку молитвата кога Светиот Дух слегува врз виното и лебот, тие стануваат Христово Тело и Христова Крв. Често пати кај светци мистичари можеме да прочитаме дека во нивните визии го гледаат Исус тажен, затоа што верниците во причеста го примаат како нешто безживотно. А Исус е извор на секој живот. Исус е овоплотено живо Слово Божјо и ако го слушаме како мртво заминуваме дома непроменети, од Литургијата се враќаме рамнодушни, ништо нѐ нема поттикнато и охрабрено.

И Црквата сето тоа сака да го промени. Одбира овој празник да го смести за време на молитвената осмина за единство на христијаните, затоа што некои христијански заедници многу повеќе од нас го ценат Словото Божјо. Црквата сака меѓусебно да нè приближи Божјото Слово. Сите христијани го молат истиот ‘Оче наш’, па кој сум јас или ти да му го скратиш на братот христијанин да биде дете Божјо. Последната Исусова молитва, која на некој начин била проштална и била повик на единство: Како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил (Иван 17,21). Според тоа се мери и нашето христијанство, колку многу го посакуваме единството.

Божјото Слово е појдовна точка, тоа може да нè соедини и приближи, посебно во ова време во кое многумина лутаат. Сè повеќе преовладува номадскиот начин на живот, имаме сè повеќе изгубени во овој брз начин на живот и трка за егзистенција, потребно, па дури и неопходно е да се навестува Словото Божјо.

Кога ќе ја почувствуваме силата на Божјото Слово во нашите животи тогаш воопшто не се плашиме да се отвориме за дарот на живот, тогаш момчињата и девојките не се плашат да одговараат на Божјиот повик и својот живот да му го предадат на Христос, повеќе нема страв ако треба да станеме дури и маченици за Исус Христос. Светците и мачениците се натпреварувале кој да биде повеќе Христов: А ние?

Тешко ни е да одиме на света Литургија секоја недела. Ако е врнежливо, нема да појдеме за да не нè наврни, ако има снег за да не се лизенеме, ако е студено да не измрзнеме, ако е топло за да не ни е топло. Никако не може да ни се погоди. Никако Бог да добие место во нашите животи, да биде на прво место, најважен. А сè додека Бог не биде прв, додека неговото Слово не ни биде свето, во нашиот живот Тој нема да биде наш Бог. Тој, со таквиот наш однос кон Него нема да промени ништо во нашиот живот, тој нема да нè присилува на нешто што ние не го сакаме.

Исус е оној кој доаѓа да ја расветли нашата егзистенција, во мрачните подрачја на животот низ кој поминуваме тој е светло на светот. Има премногу темнина, песимизам, црни хроники, затоа што не сме го прифатиле Словото Божјо за да ни го осветли и да го видиме она убавото во нашите животи за кое во овој момент немаме очи. Словото Божјо дава смисла на животот, но треба да се сфати сериозно, треба да се овоплоти во нашите животи.

Би било добро да се прашаме каде е нашата радост и зошто во светот не се сретнуваат често радосни христијани и што треба да направиме Божјото Слово да влезе во нашите животи и да ги промени нашите срца.

Првиот чекор е доколку во нашиот дом немаме Свето Писмо да го набавиме, и да започнеме да го читаме. Да го ставиме на местото на телевизорот, таму каде што ќе ни пречи да гледаме телевизија без да го поместиме од таму. И кога ќе сакaте да гледате телевизија, ќе мора да го земете да го поместите. А кога веќе ќе биде во вашите раце, наместо некои бесплодни серии и емисии да отвориме едно поглавје или некој пасус и да прочитаме нешто од него и да размислуваме за прочитаното, што конкретно ни зборува за нашата денешна ситуација, за твојот проблем, радост, низ кој поминуваш. Потоа вклучете го телевизорот.

Ако читате Библија редовно, ќе почувствувате во своето срце некоја промена, некоја радост. Одберете текст, не мора да биде долг, прочитајте го пополека, ако треба и два пати и забележете го она што ви зборува и останете некое време размислувајќи за него. За тоа може да размислувате и во текот на денот. На почеток можеби нема да почувствувате ништо, но покасно ќе сфатите дека многу подрачја од вашиот живот Божјото Слово веќе ги расветлило. Затоа што тоа е живо Божјо Слово, кое има сила да ги преобрази нашите животи. А дали ти сакаш да се преобразиш зависи исклучиво само од тебе. И за крај повторно сакам да потсетам на кажаното од свети Јероним: Непознавањето на Светото Писмо е непознавање на Христос. Кој не го познава Светото Писмо не го познава Исус Христос.

к.мк/го*ко

Категорија: Колумни

За авторот