Зарем Бог не можеше да почека уште еден ден за да ја исцели жената?

Зарем Бог не можеше да почека уште еден ден за да ја исцели жената?

Размислување за 27. Недела по Духови според Евангелието од Лука 13,10-17

Денес размислуваме за настанот кога Исус Христос исцели жена во синагогата која беше фатена осумнаесет години. Знаеме дека таа била опседната од дух на немноќта, кој ја мачел. Можеби тоа се случило поради некој нејзин грев? Можеме само да претпоставуваме за причината, а на крајот самиот Господ малку внимание посветува на причината. Тој посветува поголемо внимание на промените кои треба да се случат кај жената.

За ова добро дело, Исус бил осуден како престапник на законот. Да обрнеме внимание на фактот дека Спасителот поучуваше во сабота во една од синагогите и гледајќи ја згрбавената жена, која не можеше да се исправи, како Го слуша, веднаш ја повика за да ѝ помогне, прекршувајќи го законот! Не беше дозволено да се работи во сабота – саботата беше ден за Бога.

Ако размислиме за оваа ситуација, можеме да забележиме дека Господ изгледа намерно ја предизвика оваа ситуација за да започне старешината на синагогата да негодува. Се поставува прашање: дали навистина не можеше да почека уште еден ден и потоа да ја излекува жената, која и така осумнаесет години страдала? Така би имало мир за сите. Така може да размислува човекот, но не и Бог.

За Божјата љубов нема одмор. Исус ја објавува Божјата љубов и токму во такви критични ситуации сака да ја покаже големата Божја љубов кон човекот. Со тоа истовремено ја разоткрива апсурдноста на човечкото општество, кое Божјите закони ги толкува за своја корист, но не и за Божја, затоа што посветува поголемо внимание и почит кон животните, а знае да го критикува човекот кога прави добро на друг човек. Денот Господов е ден кога треба да ја доживееме Божјата љубов. Некои веруваат дека Денот Господов е ден кога не треба ништо да се прави. Поучени така некои псевдорелигиозни луѓе ги критикуваат сите оние кои најмалку ќе ја прекршат традицијата, а тие самите можеби не одат ни во црква, не се исповедаат и не живеат духовен живот.

Исус ни го открива вистинското значење на Денот Господов, кој треба да биде ден осветен со нашите добри дела и исполнет со искуството од средбата со Божјото присуство. Христијанинот кој оди на Литургија во недела со намера да се сретне со Бога е тој што создава вистинско дело на љубов и за себе и за другите. Самиот се поткрепува со молитвата, а другите ги зајакнува со вера.

Сите заедно во молитвата создаваме единство во Христа, Кој доаѓа да ги побара слабите и изгубените. Тој со сите сили се обидува да нѐ поттикне да ги промениме сопствените животи.

Многу пати порано, а можеби и денес, дојдовме во црква потиштени, понижени и го слушаме Бога во Неговото Слово. Преку Него Христос се приближува до секој од нас на невидлив начин и нѐ лекува.

Можеби бевме во несоодветна облека, лошо расположени и не така добро подготвени, но имавме голема желба да се сретнеме со Бога и Бог нѐ прифаќа, дури и ако некои луѓе тајно или отворено нѐ осудуваат. Бог нè љуби и ги сака оние што ни се блиски, кои се молат со нас, на кои им треба утеха, исто како што ни е потребна и на нас. Затоа, по примерот на Христос, да не ја одложуваме можноста да направиме и најмал гест на љубов кон оние кои се во некоја тешкотија.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот