Започнаа подготовките за одбележувањето на 2. Светскиот ден на сиромашните

Започнаа подготовките за одбележувањето на 2. Светскиот ден на сиромашните

Во организација на Папскиот совет за нова евангелизација од 12 до 18 ноември 2018 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан привремено е поставен здравствен гарнизон во кој медицинска нега бесплатно можат да побараат сите кои се во потреба.

Овој е само еден од начините за подготовка за Светскиот ден на сиромашните кој ќе биде во недела на 18 ноември.

Секој ден од 8 до 22 часот на најпознатиот плоштад во Вечниот град сите сиромашни и оние во потреба можат да направат лекарски преглед. Во тие 14 часа сите кои сакаат можат да ги посетат општите лекари или некој од неколкумината специјалисти.

Ова акција се одвива под покровителство на папата Фрањо која и ја најави во неделата по молитвата Ангел Господов кога меѓу останатото рече: „Следната недела ќе се одбележи Светскиот ден на сиромашните со многу иницијативи за евангелизација, молитва и делење. И овде на плоштадот Свети Петар е поставен здравствен гарнизон кој ќе им понуди лекување на оние на кои им е потребно во овие недела дена. Се надевам дека овој Ден ќе поттикне на поголемо внимание за потребите на последните, маргинализираните и гладните.“

Светскиот ден на сиромашните го воведе токму папата Фрањо на завршетокот на Јубилејната година на милосрдието 2016 кога одреди во целата Црква на 33 недела во годината да се размислува за оние кои се во најголема потреба. Така оваа година на претпоследната недела во црковната година ќе биде одбележан Светскиот ден на сиромашните.

Недјелја/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот