Започнаа Духовните вежби за Ватиканската курија

Започнаа Духовните вежби за Ватиканската курија

Духовните вежби за папата Лав XIV, кардиналите што престојуваат во Рим и раководителите на дикастериите започнаа во недела попладне, 22 февруари 2026 година, со размислување на трапистичкиот бискуп Ерик Варден на тема „Влегување во Великиот пост“.

Духовните вежби за Великиот пост во Ватикан започнаа во недела во 17:00 часот, во Павлинската капела, во присуство на папата Лав XIV, кардиналите што престојуваат во Рим и раководителите на дикастериите.

Годинашните духовни вежби ги предводи бискупот Ерик Варден на тема „Осветлени од скриена слава“. Бискупот Варден припаѓа на Цистерцијанците (траписти) и е бискуп на Трондхајм во Норвешка од 2019 година.

Во недела тој го одржа првото размислување на тема „Влегување во Великиот пост“, а резиме од излагањето објави и на својата интернет-страница.

Од понеделник, 23 февруари, до завршувањето на 27 февруари, бискупот Варден ќе одржува по две размислувања дневно: едно во 9:00 часот наутро, претходено од утринска молитва, и едно во 17:00 часот, по кое ќе следат евхаристиско обожавање и Вечерна.

Планирани се две размислувања за свети Бернард: „Свети Бернард, идеалистот“ и „Свети Бернард, реалистот“, предвидени за попладнето на 26 февруари. Други теми се: Божјата помош, да се биде слободен, сјајот на вистината, „Илјада ќе паднат“, „Него ќе Го прославам“, Божјите ангели и размислување. Духовните вежби ќе завршат со последното размислување посветено на „Пренесување надеж“.

Во воведните зборови на почетокот на духовните вежби, бискупот Варден нагласи дека Великиот пост нè соочува со суштинското. „Нè внесува, и материјално и симболично, во простор лишен од излишности“, рече тој.

Тој забележа дека во тој период се отстрануваат работи што нè одвлекуваат од вниманието, дури и кога сами по себе се добри, и повтори дека сме повикани да прифатиме воздржаност на сетилата.

Особено, проповедникот истакна дека христијаните се повикани да се борат против пороците и штетните страсти, а истовремено да го бараат мирот и да бидат луѓе на мирот.

Пред крајот, бискупот Варден го посочи свети Бернард од Клерво како пример, бидејќи тој разбрал „што значи да се живее по благодат додека се бориме против злото, го поттикнуваме доброто, ја браниме вистината и го следиме патот на исходот од неслободата кон земјата на ветувањето“.

„Тој нè повикува“, заклучи проповедникот, „на учеништво полно со љубов и со трезвен, јасен ум.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот