Отец Роберто Пазолини ја започна серијата размислувања во Великиот пост на тема „Закотвени во Христа“. Тој ги повика верниците да се вкоренат во надежта за нов живот.
На 21 март 2025 година, во Ватикан проповедникот на Папскиот дом ја одржа првата проповед во Великиот Пост. Тема на размислувањето е „Зајакнати во Христа – вкоренети и закотвени во надежта за нов живот“.
На почетокот, отец Пазолини им се обрати на присутните со поздравни зборови: „Браќа и сестри, Господ нека ви дарува мир. Да упатиме срдечен поздрав до Светиот Отец, кој уште не може да биде со нас – се надеваме дека наскоро ќе може – и продолжуваме со нашите молитви за него“.
Размислувајќи за темата „Закотвени во Христа“, проповедникот ја истакна важноста на три духовни движења кои допираат до длабочините на духовниот живот на верниците. Првото од нив е способноста да се откажеме од себе заради другиот, што се изразува во подготвеноста да се напушти центарот на сопственото его и да се отвори себеси за реалноста на друга личност. Исус, влегувајќи во водите на Јордан, дава пример за целосно потопување во човечката кревкост и историја, учејќи нè да градиме вистинско единство дури и во тешки и проблематични ситуации.
Второто движење е постојано преобраќање, кое не се сведува на морална промена, туку се претвора во длабока промена во начинот на гледање, расудување и сакање. Преобраќањето е повик за внатрешно испитување кое им помага на верниците да ја разберат поврзаноста со логиката на Евангелието.
Третото движење е способноста да се остане во реалноста без да се крие од неа или да се прават обиди да се идеализира. Во своето крштевање, Исус ги прифаќа сите предизвици и противречности на животот, покажувајќи дека само преку отворено соочување со реалноста може да се доживее присуството на Бога, кој е секогаш тука.
Проповедникот на Папскиот дом го заврши своето размислување со молитва: „Свети Оче, Кој со крштевањето на твојот возљубен Син ја откри својата добрина кон луѓето, дарувај им на оние кои се преродиле во вода и Дух да живеат побожно и праведно во овој свет, за да наследат вечен живот. Преку нашиот Господ Исус Христос“.
Серијата размислувања на отец Роберто Пазолини во Великиот пост ќе продолжи и во наредните недели од постот, помагајќи им на верниците да навлезат подлабоко во таинството на Христовиот живот и да се подготват за прославата на Велигден.
Важно е да се напомене дека оваа година проповедите, кои се одржуваат во петок во салата Павле VI, се отворени за сите кои сакаат, со што им се овозможува на верниците да го продлабочат својот духовен живот во овој важен период од литургиската година.
Ватикан њуз/к.мк