Живиот знак на Евангелието секогаш е вистинската љубов

Живиот знак на Евангелието секогаш е вистинската љубов

Повторно да се навести радоста на Евангелието, револуцијата на милосрдието и нежноста.

Слободата без љубовта која доаѓа од Бог не му дава смисла на животот – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција, која се одржа на 26 септември 2018 година, на плоштадот Свети Петар, во Ватикан. Осврнувајќи се на своето Апостолско патување во Литванија, Летонија и Естонија рече дека неговото послание било повторно да ја навести радоста на Евангелието, револуцијата на милосрдието и нежноста.

Гледајќи на својот четиридневен престој во балтичките земји, организиран по повод нивната стогодишнина од независноста од Руското Царство, Папата потсети дека тие три земји половина од тоа време го преживеале под нацистичка и советска окупација. Тие се народи кои многу трпеле и затоа Господ ги гледа како свои избрани деца.

Но приликите многу се промениле од патувањето на светиот папа Иван Павле II пред 25 години, кога тие земји само што се ослободиле од комунизмот. Затоа посланието на Светиот Отец било повторно да го навести Евангелието и револуцијата на милосрдието. Во Литванија католиците се мнозинство, додека во Летонија и Естонија побројни се лутераните и православните, но многумина ја напуштиле верата – рече Папата и додаде: Во Естонија според најновите податоци, 70% од населението се изјаснува за неверници.

Па, предизвик е да се зацврсти меѓу сите христијани заедништвото кое веќе се развило во текот на прогонот – рече папата Фрањо и продолжи: На тоа беа посветени моментите на екуменската молитва во катедралата во Рига и средбата со младите во Талин. Ја спомна и средбата со претставниците на властите во тие земји во текот на кои го истакна придонесот на човечките и општетсвените вредности кои тие му ги даваат на заедниците на народи, посебно на Европа, а кои поминале низ разни искушенија.

Папата напомена дека го охрабрил дијалогот помеѓу младите и старите, односно за корените на кои се гради сегашноста и иднината. Во согласност со традицијата на тие земји, поттикнал на поврзување на слободата со солидарноста и прифаќањето. Потоа се осврна на средбата со младите во Вилнус, каде нивните сведоштва ја покажале радоста на молитвата, песните, служењето, излегувањето од сопственото „јас“ за да бидат на патот, способни да станат после падовите. Се присети и на средбата со старите во Рига каде ја нагласи тесната врска помеѓу трпението и надежта.

Оние кои поминале низ тешките искушенија, оние кои се корените на народот треба да се чуваат со Божјата милост, за новите никулци од нив да можат да црпат сила, да цветат и да донесат плодови – рече Светиот Отец и додаде : Оние кои стареат предизвик им е да не се затворат во својата внатрешност, туку да останат отворени и нежни во срцето и паметот, а тоа е возможно со Светиот Дух, со молитвата и слушањето на Словото Божјо.

Потсетувајќи на средбата со свештениците, семинаристите, богословите, монасите и монахињите во Литванија, повикувајќи ги на надеж, истрајност, фокусираност на Бог и на цврстата вкоренетост во Неговата љубов, Папата рече дека се големо сведоштво во тоа што дале и сѐ уште даваат многу свештеници, монаси и монахињи. Поднесувале клевета, затворање и депортација, но останале непоколебливи во верата. Ги поттикнав да не ги заборават, да се сеќаваат на мечениците и да го следат нивниот пример.

После тоа Светиот Отец се осврна на оддавањето почест во Вилнус на жртвите на геноцидот кој се случил пред 75 години, по затворањето на големото гето, кое било предворието на смртта за неколку десетици илјади Евреи. Потоа се осврна и на посетата на Музејот на окупацијата и борбата за слобода каде се задржа во молитва за оние кои таму били затворени, маченици и убиени како противници на режимот.

Живиот знак на Евангелието секогаш е вистинската љубов – рече папата Фрањо и нагласи: Па и таму каде секуларизацијата е силна, Бог зборува со јазикот на љубовта, грижите, бесплатното служење на оние во потреба. Тогаш срцата се отвораат и се случуваат чуда; во пустината ‘рти нов живот. На крајот потсети на трите свети Литургии во Каунас во Литванија, во Аглона во Летонија и во Талин во Естонија, во текот на кои светиот вернички Божји народ кој е на патот го обнови своето „да“ на Христос, нашата надеж, на Марија нашата Мајка и посебно оние кои најмногу страдаат – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот