Епископот Стојанов со обред за отворање на јубилејните врати и света Литургија во Паљурци го отвори четвртото ходочесничко место за Црквата во Македонија.
Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во националното светилиште „Мајка Божја Утешителка“ во Паљурци ја отвори јубилејната врата на четвртото јубилејно ходочесничко место за Црквата во Македонија, која ја одреди со декретот од 10 декември 2024 година. По обредот епископот Стојанов служеше света Литургија и го предводеше Крстниот пат во заедништво со свештеници од Струмичко-скопска епархија и Скопска бискупија. На овој молитвен настан учество зедоа монашките заедници, црковни движења и верници од сите парохии во Македонија.
Во својата проповед епископот Стојанов зборуваше за библиската вкоренетост на Светата година и традицијата на Црквата, истакнувајќи ги условите за добивање потполн опрост. При тоа рече дека не треба да се пропушти можноста во оваа Јубилејна година да се добие потполн опрост, за себе, но и за покојните. Епископот за време на побожностите молеше за загинатите и настраданите од трагедијата во Кочани и ги препорача во молитвите на верниците.
Литургискиот обред отворање на јубилејните врати, светата Лтургија и Крстниот пат беа во организација на ректорот на светилиштето протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов во соработка со протојереј ставрофор отец Тома Ангелов, парох во Богданци.
Според одредбите на Апостолската покорничарница, верниците кои ќе ходочестат во прогласените јубилејни места, ќе се исповедат, ќе присуствуваат на света Литургија, ќе се причестат и измолат одредени молитви по накана на папата Фрањо имаат можност за добивање потполн опрост.
Покрај црквата „Мајка Божја Утешителка“ во Паљурци, епископот Стојанов ги одреди во текот на целата јубилејна 2025 година за Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија и следните цркви за јубилејни места: катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје, катедралата во Струмица „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица и капелата „Света Мајка Тереза“ во НУ Спомен куќа на Мајка Тереза – Скопје.
к.мк