На празникот Богојавление, 19 јануари 2023 година, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во парохиската црква „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица во сослужение на прохот отец Гоце Костов и катедралниот парох о. Спасо Ристов. Кон крајот од светата Литургија епископот Стојанов изврши осветување на водата.
За време на проповедта монс. Стојанов истакна дека со Крштението на Исус во Јордан започнува нова ера, односно неговата мисија започнува со неговото Крштение, објавувајќи се како Спасител, Откупител и Учител.
Епископот Стојанов ја истакна понизноста на Иван Крстител кој се чувствувал недостоен да го крсти Исус, но го сторил тоа како знак на послушност кон Исус и додаде: При крштевањето на Исус небесата се отоврија и се слушнал гласот Божји, каде што самиот Бог прозборел: Ова е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја. Сите три божествени Личности се објавиле при крштевањето на Исус, затоа и се вели – Богојавление – Бог се објави. Ова беше гаранција дадена на Исус на почетокот на неговата служба – рече епископот Стојанов.
Во продолжение владиката Стојанов нагласи дека Крштевањето на Исус треба да нѐ потсетува и на нашето крштевање, затоа што тогаш се случува најголемиот настан во душата на крстениот и во неговиот живот, најголемото чудо од сите чуда и новокрстениот станува храм на живиот Бог кој започнува нов божествен благодатен живот.
Монсињор Стојанов истакна дека крштевањето уште се нарекува и ново раѓање или духовно повторно раѓање, раѓајќи се за Бога, за Божјиот живот, за вечното блаженство. Потоа потсети и на зборовите на папата Фрањо кој повикува секоја година да го славиме во срцето датумот на своето крштение.
Радио Марија од светата Литургија вршеше дирктен пренос.
к.мк