Епископот Стојанов на патрониот празник во Струмица: Не смееме да дозволиме лагата и заблудата да господарат во нашиот живот

Епископот Стојанов на патрониот празник во Струмица: Не смееме да дозволиме лагата и заблудата да господарат во нашиот живот

На празникот Раѓање на свети Иван Крстител, на 7 јули 2023 година, во истоимената парохија во Струмица, која го прославува својот патрон, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во сослужение на свештеници од Струмичко – скопската епархија. На свеченоста покрај верниот народ од парохијата присуствуваа верници и од други парохии, како и сестрите Евхаристинки од Струмица, Скопје, Гевгелија и Нова Маала.

Светата Литургија започна со свечена процесија, додека младинскиот хор на парохијата ја пееше литанијата до свети Иван Крстител.

На почетокот од проповедта епископот Стојанов најпрво ги поздрави присутните, истакнувајќи ја радоста за патрониот празник, но и за десет годишнината од постоењето на парохијата и воедно го честита паторниот празник.

Зборувајќи за раѓањето на свети Иван Крстител епископот Стојанов истакна дека Елисавета и Захарија го живееја својот живот, како што живееме ние, тие живееја скромно, но му служеа на Бога, додавајќи дека во моментот кога Бог влегува во нивниот живот на посебен начин, тие тоа го прифатија, иако можеби не разбраа целосно што сака Бог од нив, но ги отворија своите срца и се радуваа на Бога. Владиката Стојанов рече дека Иван влегува во светот со чудесни настани кои укажуваат на фактот дека тоа е Божјо дело, дека тоа е нешто што се случува според Божјиот план.

Во продолжение монсињор Стојанов истакна дела Божјото спасение не е нешто што можеме да го купиме, потсетувајќи дека свети Иван денес сите нас нѐ повикува на преобраќање, но и да си поставиме прашање кое со модерниот начин на живот обично не би си го поставиле, во трката, во вревата: дали мојот живот е таков што му треба преобраќање?

Понатаму бискупот праша дали ги препознаваме денес луѓето кои нè повикуваат во Божјо име за Господа, за разлика од оние кои не повикуваат во свое име, за себе, за нивна корист истакнувајќи дека Словото Божјо не може да се поткупи, со него не може да се преговара. Иван никогаш во животот, во една ваква смисла, не знаел за компромис.

Својата проповед бискупот Стојанов ја заврши со зборовите: Не смееме да дозволиме лагата и заблудата да господарат во нашиот живот. Свети Иван со своето појавување во светот и својот живот нѐ повикува да не се залажуваме, да не дозволиме лагата да доминира во нашиот живот. Затоа го молиме Свети Иван за застапништво, не само за себе, за нас лично, туку и за целата Црква во денешниот свет и за сите луѓе во светот и за оние кои биле заведени со лаги и заблуди да се обратат и да престанат да трујат и убиваат луѓе. Гледајќи во денешниот свет околу нас, го молиме Господа да бидеме оние кои ја живеат вистината на Божјото слово и Божјата реалност, Божјата љубов и милост, и на тој начин да сведочиме за Неговото слово во овој денешен свет, но и таму каде што се наоѓаме

По светата Литургија следуваше агапе и заедништво во дворот на црквата, организирано од црковниот одбор, а подготвено од верниците.

На прославата на паторниот празник претходеше тродневница во чест на свети Иван Крстител и празнична вечерна богослужба.

Од светата Литургија Радио Марија вршеше директен пренос.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот