Епископот Стојанов им се заблагодари на патер Винко Маслаќ и патер Томислав Рукавина за нивното служење во Скопје

Епископот Стојанов им се заблагодари на патер Винко Маслаќ и патер Томислав Рукавина за нивното служење во Скопје

Во недела, 30 август 2026 година, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, на која беше искажана благодарност до патер Винко Маслаќ и патер Томислав Рукавина за нивното повеќегодишно пасторално служење во скопската парохија.

Со епископот Стојанов сослужуваа патер Винко Маслаќ, патер Томислав Рукавина, отец Дариуш Мјастовски и дон Карол Томашевски, кој следната недела ќе биде воведен во служба како управител на парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на Христовите зборови: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи“, поврзувајќи ги со свештеничкиот и мисионерскиот пат на патер Винко и патер Томислав.

Тој истакна дека двајцата, следејќи го Божјиот повик, дошле во Македонија за да ја исполнуваат својата мисија, а сега го завршуваат своето пасторално делување во Скопската бискупија и во парохијата „Пресвето Срце Исусово“.

Обраќајќи му се на патер Винко, епископот Стојанов од свое име и од името на парохиската заедница му изрази благодарност за неговата пасторална дејност и грижата за доверениот верен народ.

Посебно ја истакна неговата несебична подготвеност да им помага на луѓето во потреба, како и духовните беседи, молитвите, молитвата на светата Бројаница, целодневните евхаристиски обожавања и духовните размислувања што ги споделувал со верниците.

„Ќе ни останат секогаш врежани во нашите срца“, истакна епископот Стојанов, говорејќи за духовната трага што патер Винко ја остава во скопската парохија.

На патер Томислав му се заблагодари за неговиот придонес во градењето на заедништвото во парохијата и за сведочењето на верата во различни средини. Епископот посебно го истакна неговото живо проповедање и големата посветеност во работата со младите.

„Вашето присуство ќе остави длабоки бразди во нашата Црква и во срцата на многумина“, порача монсињор Стојанов.

Епископот им изрази заедничка благодарност и за нивната постојана подготвеност да бидат покрај верниците во моменти на потреба, особено преку делењето на светите Тајни, без оглед на времето, уморот или другите обврски.

„Нека Господ Бог ги награди сите ваши добри дела за кои несебично се жртвувавте и нека секогаш ве придружува со својот благослов во вашиот понатамошен свештенички и редовнички живот, таму каде што ве водат Божјата волја и Божјата Провидност“, порача епископот Стојанов.

Своето пасторално делување во скопската парохија патер Винко Маслаќ го започна на 22 август 2022 година, а патер Томислав Рукавина на 15 септември 2023 година.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот