Во сабота, 27 декември 2025 година, во светилиштето „Мајка Божја-Утешителка“ во Паљурци, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света Литургија во заедништво со ректорот на светилиштето протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот во Богданци и Стојаково протојереј ставрофор отец Тома Ангелов, парохот во црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица отец Гоце Костов и парохот во Гевгелија отец Ристо Самарџиски. Покрај верниот народ на светата Литургија присуствуваа и сестри Евхаристинки.
Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на милостите од Јубилејната година, а на обредот Затворање на Јубилејните врати истакна дека преку Светите Тајни, ходочестијата, молитвите, Бог ја дарува можноста посилно да се доживее Неговото милосрдие, па така зајакнати со искуството на преобраќање да се вратиме на секојдневниот ритам на нашите животи и без колебање да ја исповедаме нашата надеж и вера.
На крајот ректорот на светилиштето отец Зоран И. Стојанов се заблагодари на Бога за добиените милости во текот на оваа година, на епископот Стојанов за неговото неуморно служење на Црквата и на верниот народ, кој во текот на оваа Јубилејна година присуствуваа на побожностите во светилиштето.
Пред почетокот на Светата Литургија присутните верници молеа света Бројаница со размислувања од отец Зоран И. Стојанов.
к.мк

