Епископот Киро Стојанов во Сарај служеше Света архиерејска Литургија за празникот на Свети Димитриј

Епископот Киро Стојанов во Сарај служеше Света архиерејска Литургија за празникот на Свети Димитриј

По повод празникот на Свети Великомаченик Димитриј, патрон на парохијата во село Сарај, во недела, 8 ноември 2026 година, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, служеше света архиерејска Литургија. На Литургијата сослужуваа протојереј-ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот отец Ванчо Назов, како и свештениците о. Ѓорги Динов, о, Ѓорге Појразов, о. Тони Ангелов, о. Трајче Ташев и о.Атанас Сирачев.

На празничното богослужение присуствуваа сестри Евхаристинки, како и голем број верници од парохијата во Сарај и од повеќе други парохии.

Во својата проповед, монс. Киро Стојанов се осврна на евангелскиот повик Христовите ученици да останат верни на Евангелието и во моменти кога нивното сведоштво наидува на противење, недоразбирање или отфрлање.

Владиката истакна дека христијанинот е повикан со својот живот да биде видлив знак на Евангелието во светот и да не дозволи духот на светот да го оддалечи од Христовото слово.

Како пример за таквото сведоштво го посочи Свети Великомаченик Димитриј, кој живеел во време на силни прогони на христијаните и својата вера во Христос ја посведочил со збор, живот и маченичка смрт.

„Ученикот живее во светот, но не се поистоветува со духот на светот“, истакна монс. Стојанов, нагласувајќи дека христијанинот е повикан да оди против неправдата, злото и сè она што е спротивно на Евангелието.

Тој ги охрабри верниците најнапред самите да се отворат за Исусовото слово, за потоа веродостојно да можат да им го пренесат на другите.

„Како што тоа го правеше Свети Великомаченик Димитриј во свое време, нека и нас нè застапува пред Бога, за да бидеме храбри Христови сведоци и навестители на Христовото слово“, порача владиката.

Во оваа прилика монс. Стојанов им го честиташе празникот на сите присутни, а особено на оние кои го носат името Димитриј, повикувајќи ги верниците да го следат примерот на светецот преку верност кон Божјото слово, сведочење на Евангелието и љубов кон Црквата.

На крајот парохот Ванчо Назов се заблагодари на присутните и сите оние кои придонеоса за прославата на патрониот празник.

Светата архиерејска Литургија беше директно пренесувана на Радио Марија.

К.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот