Насилството е зло, а оние кои сеат насилство жнејат уништување, болка и смрт. Никогаш да не го одобруваме насилството – поттикна надбискупот на главниот град на Чиле, Сантијаго, Целестино Аос во соопштението објавено на сајтот на надбискупијата во кое силно ги осудува пожарите подметнати во две цркви во центарот на главниот град и ги повика жителите на Чиле на молитва за надомест.
Во неделата на 18 октомври група демонстранти ја запалија црквата Свети Фрањо Борџи која редовно се користи за институционални церемонии на полициските сили и црквата Успение на Пресвета Богородица една од најстарите во главниот град на Чиле, со историја долга повеќе од 150 години. Нападите се случија во текот на големата манифестација на која се собраа повеќе од илјадници луѓе по повод одбележувањето на првата годишнина од почетокот на протестите во 2019 година. Надбискупот во соопштението потсетува на нападите кои црквите ги претрпеа пред една година и нагласи колку за обновата биле потребни постојани жртви и тешкотии за најсиромашните.
Се надевавме дека такви дела и такви сцени нема да се повторат – напоменува надбискупот. На крајот обраќајќи им се на католиците во Сантијаго и во целата земја, како и до сите луѓе со добра волја кои сакаат мир, надбискупот ги поттикна да кажат „доста“ на насилството. Не го оправдуваме тоа што не може да се оправда – пишува, Бог не сака насилство. Ќе се собереме како заедница на верници за да го извршиме чинот на каење и надомест.
Да се оградиш од неразумното насилство – е поттикот пак на сите чилеански епископи упатен во соопштението после нападот на двете цркви. Во тексот кој го потпишале Сантијаго Силва Ретамалес претседател на Епискоспката конференција на Чиле и Фернандо Рамос Перез главен секретар, епископите истакнуваат дека она што се случи покажува дека оние кои користат насилство немаат граници.
Поголемото мнозинство во Чиле сакаат правда, ефикасни мерки кои придонесуваат за решавање на нееднаквоста, корупцијата и злоупотребата. Веруваме дека тоа мнозинство не ги поддржува и не ги одобрува насилните дела кои нанесуваат болка на поединци и семејства, правејќи штета на заедниците кои не можат да живеат мирно во својот дом, во страв од оние кои не сакаат ништо да градат, туку напротив сè да уништат.
Епископите во Чиле на крајот од соопштението ја спомнуваат енцикликата на папата Фрањо „Fratelli tutti“ која повикува да ја негуваме љубовта за да го направиме можно општественото пријателство кое никого не исклучува и братство отворено за сите. Од тој став на братство можеме да се изразиме со почит, учествувајќи во демократијата без страв и да придонесеме во потрагата за општо добро – истакнуваат епископите.
Ватикан њуз/к.мк