Елката и Божиќната пештера се отворени на плоштадот „Свети Петар“

Елката и Божиќната пештера се отворени на плоштадот „Свети Петар“

Ватикан ги осветли елката и Божиќната пештера на плоштадот „Свети Петар“ на церемонија со сестра Рафаела Петрини, претседателка на Управата на државата Ватикан, и италијански граѓански и верски претставници на епархиите кои ги донираа божиќните елементи.

Ватиканската елка и Божиќната пештера беа осветлени и официјално отворени на плоштадот „Свети Петар“ во понеделник, 15 декември, од страна на сестра Рафаела Петрини, претседателка на Управата на државата Ватикан.

„Денес, на овој плоштад што го прегрнува светот, Божиќната пештера и елката не се само божиќни украси, туку знаци на заедништво, повици за мир и грижа за созданието и покани за универзално братство, кое Свети Фрањо го стави над сè друго и кое стана белег на неговата харизма“, рече таа, потсетувајќи дека следната година ќе се одбележи 800-годишнината од смртта на Светецот од Асизи, кој ја започна традицијата на Божиќните пештери во 1223 година.

Верските и граѓански претставници од епархиите што ги донираа елементите беа присутни и зборуваа на инаугурацијата, а претходно во текот на денот имаа можност да се сретнат со папата Лав XIV.

Оркестарот на Ватиканската жандармерија, како и различни хорови и оркестри од епархиите, изведоа традиционални божиќни песни.

Божиќната пештера и елката ќе останат изложени до крајот на божиќниот период, што се совпаѓа со празникот Крштевање Господово во недела, 11 јануари 2026 година.

Епархијата Ночера Инфериоре-Сарно, во јужна Италија, ја изработи Божиќната пештера, а беше претставена од епископот Џузепе Џудиче. Божиќната елка доаѓа од епархијата Болцано-Бресаноне, во северна Италија, а присутен беше и епископот Иво Музер.

На инаугурацијата учествуваа и надбискупот Емилио Напа и Џузепе Пуглиси-Алибранди и двајцата генерални секретари на Управата на државата Ватикан.

Божиќната пештера

Божиќната пештера е поставена на правоаголна платформа со димензии 17 на 12 метри, со висина од 7,70 метри. Таа содржи многу традиционални архитектонски и културни елементи од областа Агро Ночерино-Сарнезе, како и присуство нан одредени светци и верски личности важни за регионот, како што се Свети Алфонс Лигуори, основач на Редемптористите (Заедница на Пресветиот Откупител) и Божјите Слуги, отец Енрико Смалдоне и Алфонсо Русо.

Исто така, вклучува симболи што го истакнуваат наследството на храната и виното во областа. Подот прикажува антички римски патишта во камени плочи, а на него има пастири и фигури на животни во природна големина.

Божиќната елка

Божиќната елка е од европска смрека и доаѓа од епархијата Болцано-Бресаноне. Нејзината висина е 25 метри и тежина е околу 8000 килограми и е подарок од општините Лагундо и Ултимо во северна Италија.

Покрај главното дрво, во Ватикан ќе бидат донесени и 40 други помали дрвја кои ќе се користат за украсување канцеларии, јавни места и згради во Светиот Престол.

На крајот од божиќниот период, од гранките на елката ќе бидат извадени есенцијални масла, додека остатокот од дрвото ќе биде рециклиран од здружение, во согласност со принципот на почитување на созданието.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот