Екуменски конгрес „Повикани на надеж“

Екуменски конгрес „Повикани на надеж“

„Во ова време на поделби и големи предизвици – војни, миграции, неправедна распределба на богатствата и речиси неповратни штети на екосистемот на Земјата – како христијани сме повикани заедно да сведочиме за надежта на Евангелието и да бидеме поборници на дијалогот и единството, обврзувајќи се да живееме заедно за мир, да градиме братство, да шириме надеж“.

Со оваа заедничка цел, повеќе од 250 припадници на 20 христијански цркви, од повеќе од 40 земји од 4 континенти, се собраа од 26 до 29 март во Кастел Гандолфо (Рим) на екуменска конференција насловена „Повикани на надеж – клучни актери во дијалогот“, организирана од меѓународниот секретаријат за единство на христијаните во Движењето на Фоколарите.

Со програмата на конференцијата се разгледуваа три годишнини кои се одбележуваат оваа година: Јубилејната година „Ходочесници на надежта“ на Католичката црква, 1700-годишнината од Соборот во Никеја, 60 години од укинувањето на меѓусебната екскомуникација меѓу Римската црква и Црквата во Константинопол; и славењето на Велигден оваа година од сите цркви во ист ден.

Голем простор беше даден за размената на искуствата од различни екуменски иницијативи ширум светот, а учесниците беа запознаени и со историјата на екуменизмот во рамките на Движењето Фоколари, кое го започна основателката Божјата слугинка Кјара Лубик, уште во 60-тите години од минатиот век.

На конгресот учествуваа монсињор Андреја Палмиери, потсекретар на Дикастеријата на Ватикан за промовирање на единството на христијаните; монсињор Дерио Оливеро, претседател на Епископската комисија за екуменизам и дијалог на италијанската бискупска конференција; професор д-р Мартин Илерт, претставник на Светскиот совет на црквите (WCC); архиепископот Кајаг Барсамијан, претставник на Ерменската апостолска црква при Светиот Престол; д-р Наташа Клукач, директор за истражување на Светскиот христијански форум; д-р Вилијам Вилсон (со видео порака), претседател на Светската пентекостална заедница; д-р Елизабет Њуман од Светскиот баптистички сојуз; д-р Маргарет Карам и д-р Хесус Моран, претседателката и потпретседателот на Движењето Фоколари.

Вториот ден од конгресот, учесниците заминаа на ходочестие во Рим, при што беше одржана свечена екуменска молитва во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините. Ходочестието беше во смисла на „заедничко чекорење, молејќи опростување поради нашите поделби, поради сѐ што сме претрпеле меѓу себе низ вековите“, рече претседателката на Движењето Фоколари. „Инспиративна личност во оваа смисла е секако свети Павле, кој храбро и упорно го навестувал Исус Христос“. Чекорејќи по неговите стапки, „мораме да имаме храброст да навестуваме дека Исус нè обединува, дека Исус е нашата надеж во овој Јубилеј. Има многу работи кои нè поврзуваат и тоа ни дава храброст, ја умножува нашата вера“, заклучи Маргарет Карам.

Меѓу учесниците на конференцијата беа групи од Македонија, Бугарија и Србија. Тие ходочестеа и на гробот на свети Кирил, кој се наоѓа во римската црква Свети Климент, при што се помолија и на овој голем Заштитник на словенските народи му го доверија единството на христијаните и мирот во овие наши простори.

Ратислав Кардалев

Категорија: Вести, Македонија

За авторот