Едит Штајн – католичка светица со еврејско потекло

Едит Штајн – католичка светица со еврејско потекло

Еврејката Едит Штајн (1891 – 1942) на својата 26-годишна возраст се преобратила на христијанството, а набргу го почувствувала и позивот за во кармелитанскиот ред. Поради своето еврејско потекло таа била депортирана во Аушвиц и погубена во гасната комора во 1942 година.

Едит Штајн, а во редот на босоногите кармелиќанки како Тереза Бенедикта од Крстот, родена е во едно еврејско семејство на 12 октомври 1891 година во Вроклав. Била последна од 11-те деца на нејзините родители. После нејзиното детство и нејзината младост, проживеани во атмосфера на вистина и молитва, засновани на Светото Писмо од Стариот Завет, на возраст од 15 години, ја изгубила верата што, за жал, се случува на многу луѓе во градовите. Духот од овој свет, земските работи, ја убиваат верата во сѐ што е надприродно.

Во 1917 година Едит почнала да чувствува внатрешни маки кои ја очитувале сѐ повеќе длабочината на нејзината душа. Како што тогаш беснеела Првата Светска Војна, таа доброволно се пријавила во Црвениот Крст и тоа во една воена болница во Моравија. Тогаш ја потресе христијанското однесување и вера на жената на Адолф Рајнах кој што загинал во војната. Едит за овој впечаток пишува: „Тоа беше момент кога се сруши мојата невера, кога избледе моето еврејство, а на мојот поглед се појави прославениот Христос: Христос во тајната на крстот“. Од тогаш Едит Штајн се фокусирала кон вистината, во едно ведро, но и неуморно барање кое завршило во пролетта 1921 година во Бергзаберн, во куќата на Конард – Мартиусов, кога во библиотеката под раце и дошла Автобиографијата на свeта тереза Авилска. Почнала да ја чита и и толку многу била фасцинирана од неа што не ја испуштила од раце сѐ додека не ја прочитала. Тогаш, како што рече, морала самата на себе да се довери: „Ова е вистината!“ И така тоа бил моментот на милост која ја натерало веднаш во рацете да го земе Катехизамот и малиот мисал. Сакала што поскоро да прими крштевање и го примила на Новата Година 1922, а миропомазанието на 2 февруари 1923 година.

Под духовнo водство на каноникот Свинд, па потоа на бенедиктинскиот игумен Валцер од Бојрен, во Шпајер, каде што од 1923 – 1931 година предавала во гимназијата на сестрите доминиканки – живеејќи како една од нив, бргу постигнала извонредна христијанска духовна зрелост за која многу и припомогнало и филозофско-теолошкото размислување на свети Тома Аквински. Во овој период на германски јазик го преведела и објавила делото на Аквински Questiones disputatae de veritate (Дискутирани прашања за вистината, Тибинген, 1931-1932). Пред ова дело таа веќе во 1931 година ги објавила писмата на интелигентниот англиски преобратеник Џон Хенри Њуман (1801 – 1890).

Додека се впуштила во интензивно занимавање со науката, таа одржувала и многубројни високо ценети конференции и на тој начин длабоко се вклопувала во животот на културата и верата. Во 1932 година залудно се надевала дека ќе стане слободен доцент на Универзитетот во Фрајбург. Но наместо тоа добила место во Вишиот Институт за научна педагогија во Минстер каде што средила сѐ што било потребно за да влезе во кармелитанскиот ред. Таа во мај 1933 година се обидела да влезе во манастирот во Вирзбург (Karmel Himmelspforten–Würzburg) , но не била примена. Сепак таа не се двоумела да затропа и на друга врата, имено во манастир во Келн (Karmel Lindenthal). Таму учителката на кандидатката ја прашала: нели е штета што жена од нејзин раст и капацитет ќе се одвои од светот. Едит одговорила: „Нема да нѐ спаси човечката активност, туку само маката на Исус Христос; а моја е желбата да учествувам во неа.“

Во Германија меѓутоа од ден на ден се повеќе се ширел бранот на антисемитизмот при што Едит Штајн, бидејќи била Еврејка, морала да ја напушти професорската служба. На 25 февруари 1933 година, на Универзитетот го одржала своето последно предавање. Тоа ѝ помогнало да го оствари својот животен сон: да влезе во Кармелитанскиот ред. Во април 1934 година свечено била облечена во кармелитанската облека, земајќи го монашкото име Тереза Бенедикта од Крстот. Првите монашки завети ги положила на 21 април 1935 година, а свечените завети на Велики Петок во 1938 година. Повторно тоа има некое значење.

Тогаш политичката ситуација била многу мрачна, посебно за синовите и ќерките  Израилеви. Сестра Тереза Бенедикта тогаш го заврши своето дело „Конечно и вечно битие“ (Endliches und ewiges Sein). Делото ќе биде објавено во Лувен, во 1950 година.

Од безбедносни причини сестра Тереза Бенедикта беше испратена во Кармел во Ехту (Echt), во соседна Холандија. Таму сестрите ја примат со голема сестринска љубов. Во тоа време на растечка меѓународна политичка криза, напади на Црквата и Евреите, сестра Тереза од Крстот го пишува своето дело и во 1939 година го завршува, насловувајќи го „Од животот на едно еврејско семејство“ (Aus dem Leben einer jüdischen Familie). За жал, стигнала само до 1916 година. Делото ќе биде издадено во Лувен-Фрибург во 1965 година. По налог на поглаварката тогаш го пишува и делото за мислите на свети Иван од Крстот, но за жал не можела да му даде целосна верзија. Претчувствувала дека Исус ја подготвува за жртва која му се заканува на целиот нејзин народ; затоа ја замолува својата поглаварка да смее да се принесе како жртва. И кога на 2 август 1942 година пристигнува Гестапо во Кармел, ја прегрнува својата сестра Роза, кармелитанка треторедка и ѝ рекла: „Розо, ајде на жртва за нашиот народ!“ И така започнува нејзиниот Крстен пат започнувајќи од Амерсфорт, Вестерборк до Аушвиц.

Големата и понизна кармелитанка успеала на крстот не само како Еврејка, туку и како Еврејка католик преку која нациналсоцијализмот сакал да ја казни и Католичката црква, која протестирала против него и го осудува во енцикликата на папата Пиj XI „Со горливa загриженост“ (Mit brennender Sorge) од 14 март 1937 година. Едит целосно предадена на оној Бог Кому му се принесува како жртва, ѝ пишува на својата поглаварка во Ехт од Вестерборк на 6 август 1942 година, вака: „Науката за крстот може да се здобие само ако се чувствува неговата тежина во целата своја мачнина. Во тоа се уверив од првиот момент и реков: Ave Crux, spes unica! – Здраво Крсту, надеж единствена!“ Во Аушвиц живеела од таа наука предавајќи се целосно на љубовта, трепеливоста, благоста, дарувањето на самата себе, целосно предавање на Бог и на најмалите свои браќа. Својата жртва ја завршува во една гасна комора помеѓу 8 и 11 август 1942 година.

Сите ја почитуваат како маченица, а многу се препорачуваат на нејзините молитви. Не требало долго да се чека, за да се започне и постапка за прогласување на блажена. Иван Павле II, по повод својата втора пастирска посета на Германија на 4 мај 1987 година, Божјата слугинка во Келн ја прогласува за блажена. На 11 октомври 1998 година, папата Иван Павле II ја прогласува за светица.

Заштитничка е на Европа, сираците, маченциите, Светскиот ден на млади.

Битно.нет/к.мк/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот