Европа-Светиот Престол. Ходочастие во црквите во Рим по повод 50 години од дипломатските односи
Со света Литургија служена во базиликата Свети Иван Латерански на 9 мај започна иницијативата „Iter Europaeum“, која во текот на осум недели ќе опфати 27 цркви во Рим, симбол на секоја земја членка на Европската Унија.
На 9 мај, на Денот на Европа започна иницијативата насловена „Iter Europaeum“, проект кој го поттикна Европската Унија по повод 50 годишнината од воспоставувањето на формалните дипломатски односи со Светиот Престол. Тоа ќе биде „прошетка“ која во мислите ќе помине низ цела Европа, поминувајќи по патот на историјата и дипломатијата, дијалогот и екуменизмот, а која ќе опфаќа 27 земји членки и нивните цркви во Рим, центарот на христијанството. Иницијативата ќе трае повеќе од месец дена, до 27 јуни.
Насловот на латински јазик не е случајно избран. Две се причините – рече во разговор за Ватикан њуз амбасадорката на Европската Унија при Светиот Престол, холаѓанката Александра Валкенбург-Роелофс и објасни, првата е поврзана со тешкиот избор на еден заеднички јазик за сите земји членки; а втората е што латинскиот го буди споменот на Карло Велики кој е упориште за обединување на европските земји.
„Iter“ започна денес попладне во базиликата Свети Иван Латерански со света Литургија која ја предводеше Папскиот викар за римската бискупија кардиналот Анџело Де Донатис. Од таа папска базилика започна „ходочастието кон другите римски цркви; секоја земја членка ја избра својата црква заради историски причини или затоа што таа е потпирач на нејзината заедница во Рим. Освен католички цркви, иницијативата опфаќа исто така лутерански и православни цркви, како сведоштво на богатата културна и религиска традиција на Европската Унија.
Ватикан њуз/к.мк