По половина час, Еврозија и Кончета веќе биле во заедницата на Милосрдните сестри, радосно дочекани од сите. Овде Еврозија била пријатно изненадена, кога го видела својот мил брат отец Јосиф, кој дознал за нејзиното пристигнување и со нетрпение ја чекал. Средбата била многу трогателна. Началничката, сестра Елисавета12 била сведок на радоста на Еврозија и на отец Јосиф, кога се виделе во престолнината на Македонија – Солун. Уште истиот ден, отец Јосиф им напишал писмо на своите родители и со нив ја споделил радоста за пристигнувањето на Еврозија во Солун. „Тебе Боже Те фалиме”, – пишува отец Јосиф. – Ова утро, во осум часот, во солунското пристаниште влезе параходот што ја носеше милата Еврозија. Во десет часот имав среќа братски да ја поздравам. Немам зборови со кои би можел да ѝ се заблагодарам на Божјата промисла за сè што стори за повикот на Еврозија. Јас сум сигурен дека таа ќе продолжи да раководи сè, бидејќи признавам дека јас сум ништо и ништо не можам сам да направам. Милиот дон Боско, кој го благословил ова дело на евхаристискиот Исус, ќе продолжи да го благословува од небото и да се застапува пред Пресветото Срце Исусово за да не ја лишува Еврозија и нејзините другарки од сето она што ќе им биде потребно. Иако е нескромно од моја страна би го замолил дон Боско да го направи со мене тоа што го стори Илија со Елисеј, би го замолил да ми го даде својот дух. Но како и да е, веќе ја измолив оваа молитва, бидејќи кога го отворив весникот со портретот на тој мил светец, неколку пати го бакнав и воскликнав: О, дон Боско, дај ми го твојот дух! Всушност, тој ќе биде над Евхаристинките и ќе ги води да ги следат неговите чекори – чекори на вистински светец. За смртта на дон Боско јас не можев да плачам, ама му завидувам… Еврозија е бескрајно задоволна и спокојна. Ја доверив на сестра Пучи и сестра Августина, последната ќе ја учи македонски. Јас ќе ѝ дадам еден духовен раководител од кого ќе биде многу задоволна… Храбро, мили мои, сите наши надежи да ги вложиме во евхаристискиот Исус… Нашите молитви Бог ќе ги услиши, многу души ќе се спасат, а ние ќе ги спасиме нашите… Храбро, најпрвин да биде Божјата волја, а потоа нашата. Отец Јосиф се зафатил да ја подготвува својата сестра за големото дело, да основа заедница на сестрите Евхаристинки што била наменета да им служи на духовните и материјалните потреби на македонските католици. Началникот на Лазаристите во Солун имал можност често да ја следи нивната набожност. Погоре споменавме дека отец Бонети прв му сугерирал на отец Јосиф дека е потребно да се основа една месна монашка заедница која исклучиво ќе му се посвети за опслужувањето на Македонците католици. Сега идејата на отец Бонети била пред остварување: Еврозија која требала да биде задолжена за таа мисија, веќе била во Солун. Во согласност со сите сестри, била донесена одлука Еврозија да остане една година кај Милосрдните сестри, за да го научи македонскиот јазик и да се подготви за возвишената мисија. На следниот ден, на 14 февруари 1888 година, на празникот Сретение Господово, отец Јосиф вообичаено служел света Литургија во црквата Безгрешно Зачнување кај Милосрдните сестри. По Евангелието, тој многу убаво
проповедал на македонски јазик, за македонските верници и ученички кои се воспитувале во пансионот. Еврозија со нежност ги слушала зборовите на својот брат, иако не ја разбирала содржината на проповедта. По Литургијата, отец Јосиф сам им ја претставил својата сестра на ученичките Македонки, им објаснил дека Еврозија е повикана од Бога, дека ја оставила својата татковина и своите мили родители, за да се посвети на мисијата, да им служи на Македонците и да ги придобие за Католичката црква. Еврозија, со својата скромност, им оставила силен впечаток не само на ученичките, туку и на сестрите. Една сестра која имала можност уште првиот ден да се запознае со Еврозија вака го искажала својот впечаток: – Еврозија ми остави впечаток на личност која може да поднесува страдања и искушенија, но дали ќе ја има потребната иницијатива за да ја исполни мисијата, која што ќе ѝ се наложи? Фактите докажаа дека мојот прв впечаток беше точен, зошто многупати сум ја посетувала сестра Еврозија во Солун, а таа секогаш ми зборуваше со солзи во очите за своите работи, но христијанската храброст не ѝ дозволуваше разочарувањата да ги зема како крајна точка. Што се однесува за иницијативата, Еврозија никогаш не сакаше да прави ништо сама, без да ѝ се предаде целосно на Божјата волја, која во сè ја раководеше. Отец Јосиф веднаш започнал со работата, тој самиот ѝ предавал на својата сестра македонски јазик и се радувал за нејзиниот напредок. А началничката, сестра Елисавета Пучи, станала вистински ангел-чувар на Еврозија, давајќи ѝ совети од своето искуство, зашто за неа била не само искрена пријателка, туку и вистинска духовна мајка. Сестра Елисавета, која имала искуство во монашкиот живот многу ѝ помогнала на Еврозија при основањето на заедницата на сестрите Евхаристинки.
Успехот на Еврозија во изучувањето на македонскиот јазик
Уште не поминале два месеца од пристигнувањето на Еврозија во Солун, таа покажала таков успех во изучувањето на македонскиот јазик, поради што сестра Елисавета ја задолжила да им предава и други предмети на ученичките. Ученичките биле мошне изненадени кога забележале дека учителката веќе добро го зборува нивниот јазик. Тие не можеле да замислат дека Еврозија претходно не го учела македонскиот јазик и каде живеела пред да пристигне во македонската престолнина. Еве како го опишува својот впечаток од првиот час на Еврозија во одделението најстарата од сестрите Евхаристинки, сестра Евгенија, која тогаш била во пансионот заедно со уште седум други Македонки: – Сестра Елисавета ја воведе Еврозија во одделението и најави: овде се сирачињата, а меѓу нив седумте Македонки за кои веќе ти зборував. Еврозија ни рече да излеземе од клупите и да се доближиме до неа. Таа нè прегрна и нè бакнуваше една по една, а потоа заплака од сочувство. Сестра Елисавета, исто така со насолзени очи додаде: овие се првите Македонки кои ти ги доверувам, за да ги направиш добри христијанки… Сестра Еврозија врз мене остави длабоки, неизбришливи впечатоци, како и врз моите другарки. Од нејзиниот нежен и мил поглед плачевме од радост. Кога го гледав тоа мило лице и благиот поглед, се сетив за мајка ми, со која се разделив пред три месеци. Како некој внатрешен глас да ми рече: Оваа ќе биде твојата мајка понатаму. Тоа излезе точно, зашто Еврозија беше моја мајка не само кога бев ученичка, туку и потоа, кога станав сестра Евхаристинка, па и до нејзината смрт, нашата Основачка беше за сите нас најмила и најнежна мајка.
Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.