Папата Фрањо испрати порака до коптскиот православен патријарх на Египет Тавадрос II. по повод деветтиот ден на коптско-католичкото пријателство.
Овој ден е можност да се обнови определбата и ветувањето за пријателство, но и да се повика на утеха на напатеното човечко семејство во овие денови на војна и пандемија. Ова го истакнува папата Фрањо во пораката до својот „сакан брат“, коптскиот православен патријарх Тавадрос II. Папата наведува два значајни претстојни јубилеи – следната година ќе се одбележи 10 годишнината од нивната прва средба во Ватикан, кога е востановен Денот на пријателството. Воедно ќе се прослави и 50-годишнината од историската екуменска средба меѓу папата Павле VI. и Шенуде III, што се одржа во 1973 година. Тоа е прва средба меѓу римски епископ и коптски православен патријарх .
Марковиот, како и Петаровиот Престол се духовно поврзани и треба да бидеме благодарни за тоа, вели Папата, кој во неколку наврати го цитира евангелието по Иван. Обрнувајќи внимание на зборовите на Христос „Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас“ (Иван 15,14), можеме да го продолжиме нашето ходочастие на христијанското братство, пишува Папата. Пријателството, додава тој, е најсигурниот начин да се постигне единство меѓу христијаните, бидејќи во него го гледаме лицето на самиот Христос, кој повеќе не нѐ нарекува слуги туку пријатели и кој се моли сите да бидеме едно. (сп. Иван 15,15; Иван 17,21).
Ветувајќи духовна близина, папата Фрањо во својата порака бара застапништво од свети Атанасиј, чиј живот и учења ја вдахновуваат и Католичката и Коптската православна црква, да ги води до целосно и видливо заедништво Упатувајќи го вниманието кон претстојниот празник Педесетница, Папата го повикува Светиот Дух да нѐ обедини повеќе од кога било и да ги излее своите дарови на утеха на нашето напатено човечко семејство, особено во овие денови на пандемии и војни.
Ватикан њуз/к.мк