Да се чествува и наследува Марија можеме и во обичните моменти од нашето секојдневие.
- Несебично служите му на своето семејство
Лесно ни е да заборавиме како Марија поголемиот дел од животот едноставно го поминала како сопруга и мајка. Се грижела за Исус како новороденче, дете и тинејџер, готвела и се грижела за покуќнината па така служела на своето семејство и пријателите. Марииниот живот е сведоштво на фактот дека на изглед обичните работи навистина го прославуваат Бог ако се вршат несебично. Ние како жени и мајки го делиме повикот на Марија, затоа го наследуваме со тоа што секојдневните обврски ги извршуваме несебично и без мрморење, туку со благодарност што Бог толку нѐ љуби што ни ги подарил сопругот и децата за да можеме да им служиме.
- Препуштете ги мајчинските грижи на Бог
Како мајки, лесно дозвoлуваме грижите да нѐ обземат. Секогаш мислиме на своите семејства и што е најдобро за нив. Постојано се грижиме за децата, размислуваме – ги воспитуваме правилно, како им оди во училиштето, развиваат ли здрави пријателства, дали се сигурни во носењето на добри одлуки кога не сме во близина и мноштво други грижи. Речиси е сигурно дека и Марија имала вакви грижи. Кај принесувањето на Исуса во храмот Симеон претскажал искушенија, кои ги чекале Нејзе и нејзиното мало дете, со овие зборови:
„Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, а и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца.” (Лука 2, 34 – 35)
Па сега вие зборувајте за грижите! Но, Марија не дозволила страв да ја обземе, наместо тоа верувала во Бог и во Неговата волја за својот и за животот на нејзиниот Син. Да ги положиме своите грижи пред Господ и да веруваме во Неговата волја за нас и нашето семејство.
- Фалете го Бога поради своите благослови
Песната на Марија за пофалба, Величај (Лука 1, 46 – 55), е совршен приказ за тоа како го преживува секој ден – во славење и благословување на Бог за сѐ. Ги препознала Божјите благослови и „ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое.“ (Лука 2, 19). Марија секогаш била во согласност со доброто кое Бог го правел во нејзиниот живот и во постојано славење и благодарење. Колку често се фокусираме само на негативните аспекти од нашиот живот? Денес погледнете со што Бог ве благословил, и поставете си задача секојдневно и вистински од срце да Му се заблагодарувате на Господ како Марија.
- Достојно носете ги болките, фрустрациите и разочарувањата
Марија претрпела многу болки и таги во својот повик како Исусова Мајка, а најмногу кога гледала дека неправедно го распнуваат на Крстот нејзиниот Син. Стоела настрана кога нејзиниот единороден бил понижуван, претепан и кога му е одземен животот. Но, никогаш не барала освета, туку најнапред ја носела болка на Синот како сопствена и ја пренесувала својата длабока тага пред Отецот. Да се обидиме да молчиме за своите страдања, разочарувања и неприлики. Наместо да се жалиме поради нив, подобро да ги соединиме со тагата на Марија и да ги принесиме пред Бог за спас на душите.
- Гледајте ја Марија како своја Мајка
Кога Исус умира на Крстот, ја дарувал сопствената мајка (Иван 19, 26 – 27). Ни ја дал Марија како наша духовна мајка и верувал дека ќе ни помогне во растот во светоста како и дека преку Неа ќе бидеме поблизу до Него. Марија го сака секого од нас како сопствено дете и сака да дојдеме при Неа како што би дошле до сопствените земни мајки. Од денес поставете си задача да го развивате односот со Неа – разговарајте со Неа, барајте го нејзиното застапништво и нејзината утеха како што барате утеха од земните мајки. Односот со Марија е неверојатно силен и не постои никој кој би можел подобро да ни помогне на нашиот пат на мајчинството.
Жена Врсна/к.мк