Да се грижиме за другите без дволична добрина

Да се грижиме за другите без дволична добрина

Пастирот треба да биде занесен, треба да разликува, но треба да знае и да го пријави злото – истакна папата Фрањо во проповедта на 22 јуни 2017 година, за време на Литургијата, која ја служеше во капелата на домот Света Марта. Во проповедта папата Фрањо се осврна на свети Павле, а потоа своите мисли ги посвети на примерот од дон Милани. Како парох од Барбијани требало да се грижи за ближниот – истакна Папата – но без наивна дволична добрина.

„Добриот Пастир го дава својот живот за своите овци“. Папата ја започна прoповедта од Првото читање, кое е земено од Второто послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните и се осврна на карактеристиката која треба да ја има секој пастир. Имено Светиот Отец, во ликот на свети Павле го најде „вистинскиот пастир“, кој не ги напушта своите овци, што секако дека би го направил некој наемник. Поради тоа првата карактеристика за пастирот е да се биде занесен – истакна Папата.Толку многу занесен што на својот народ и ќе му каже: „Навистина сум љубоморен на вас со Божја љубомора“. Божествено е љубоморен – додаде Папата. Станува збор значи за занес кој станува скоро ‘лудост’, ‘безумие’ кон неговиот народ. А тоа е онаа линија која ние ја нарекуваме „апостолска ревност“ – додаде Папата. Не може да се биде вистински пастир без тој внатрешен жар.

Вистинскиот пастир знае да разликува и се пази од заведувањето на злото

Втората карактеристика на добриот пастир е да знае да разликува. Знае дека во животот има заведувања. Отецот на лагата е заводник. Пастирот не е, напомена Папата и додаде: Пастирот љуби. Заводникот, змијата, настојуваат да оддалечат од верноста, бидејќи божествената љубомора на Павле била токму во тоа да го поведе народот до само еден свршеник, како народот би ја одржал верноста кон неговиот свршеник. Во историјата на спасение во Светото Писмо, многу пати наидуваме на оддaлечување од Бог, неверност кон Господ, идолопоклонство, како да станува збор за брачна неверност – напомена папата Фрањо.

Треба да знае да се пријави злото и да не се биде наивен

Значи првата карактеристика на пастирот е да биде занесен, да покаже ревност. Втората карактеристика е да знае да разликува каде е опасноста, а каде е милоста… каде е вистинскиот пат. Тоа значи дека тој постојано ги следи своите овци, во убави и грди моменти, па и во моменти на заведување, за да ги одведе трпеливо во трлото. Третата карактеристика е способноста да се пријави злото – истакна Папата. Апостолот не може да биде наивен, бидејќи треба да се штити верноста кон единствениот свршеник, Исус Христос. Тој знае да предупреди, конкретно, знае да го каже она ‘не’ како родителот кога му вели на детето кога прстот сака да го стави во штекерот: Не тоа е опасно!

Треба да се грижи за другите без дволична добрина, како што тоа го правел дон Милани

Добриот пастир знае да пријави со име и презиме, токму како што тоа го правел свети Павле – рече папата Фрањо и со мислите се врати во Боцоло и Барбијани, кои ги посети пред два дена. Говорејќи за дон Милани, го истакна неговото мото (на англиски јазик) додека ги поучувал младите. ‘I care’, се грижам’ – рече Папата и додаде: Поучувал дека работите треба сериозно да се сфаќаат, спротивно на мотото кое е во мода во тоа време, а кое било ‘не ми е грижа“. Така ги учел младите да одат напред. Грижи се за својот живот!

Но исто така треба да се знае да се пријави и она што е против твојот живот. Често ја губиме таа способност за осуда и сакаме да ги водиме овците помалку низ онаа дволична добрина, доброчинство, кое не само што е наивно, туку и штетно – забележа папата Фрањо и истакна: како „со компромис на доброчинството“ попуштаме за да би поттикнале воодушевување или љубов од верниците.

Папата на крајот ги сведе трите карактеристики на вистинскиот пастир повторно истакнувајќи го апостол Павле и неговата апостолска ревност. Пастирот значи е занесен, горлив, и тоа е неговото прво обележје. Второто е што тој е човек кој знае да разликува, бидејќи го познава заведувањето и знае дека ѓаволот заведува – напомена Светиот Отец. Тој е човек кој е способен да ги осуди работите, кои можат да наштетат на неговите овци; тоа е пак третата карактеристика.

Папата Фрањо проповедта ја заврши со молитва за сите пастири на Црквата, свети Павле да посредува кај Господ, за да можеме сите ние како пастири да ги имаме тие карактеристики како би му служеле на Господ – рече на крајот Светиот Отец.

 РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот