Дали молитвата е губење време?

За некои луѓе молитвата е губење време бидејќи треба да се биде корисен, активен, треба да се работи. Посебно на ова мислење се оние кои сметаат дека времето е пари. Според нив, мора да се отфрли сè што не донесува материјална корист – а молитвата е таква.

Но, дали работата која донесува материјална корист навистина е исполнување на време и очевечување, а молитвата губење на време и одчовечување?

Според Ј. Рацингер христијаните треба да бидат алтернатива на луѓето кои западнале во активизмот и материјалната заробеност: „Задачата која ни е поставена на нас христијаните во овој историски момент и која мирно и трпеливо треба да ја прифатиме, гласи: да не дозволиме да нè заведат оние кои немаат време, кои целокупното време го употребуваат само како свое време.“

Не му служиме и не му помогаме на човекот само со корисната работа и надворешните дела, туку и со молитвата: „Кога имаме време за Бог, кога дозволуваме нашето време да стане Божјо време, Негово време… кога така правиме им служиме на луѓето: само така.“ (Ј. Рацингер)

Како да ги сфатиме тие зборови? Тие воопшто немаат намера да го оправдаат неработењето и неактивноста, туку да го нагласат квалитетот на односите. Ако смислата на молитвата е појаснување на погледите, чистење на срцето и зајакнување на духот, по молитвата треба да живееме поинаку, поквалитетно, појасно да го гледаме другиот и неговите потреби и на соодветен начин да му помогнеме.

Молитвата воопшто не е спротивна на работата. Таа, напротив, допринесува во работата. „Нека застанат малку луѓето кои се впуштаат во активизам, кои мислат дека можат да го преобратат светот со своето проповедање и надворешните дела. Брзо ќе сфатиш дека на Цркава ќе и биде покорисно, а на Господ поугодно, да не зборуваме за добриот пример кој ќе го дадеме на другите, кога половина од своето време ќе посветиме на внатрешната молитва. Тогаш со едно единствено дело ќе се направи многу повеќе добрини со многу помалку труд отколку што се прават со илјадници други на кои го трошат својот живот. Преку внатрешната молитва ќе примиме благодат и духовна сила која е потреба за тие дела. Без неа сè останува на големата лутина.“ (свети Иван од Крстот)

Губењето на времето може да се претвори во добивка. „Слично е со меѓучовечките односи: во активниот живот илузорно е да веруваш дека ја сакаш својата жена, маж, деца, а не си способен да им посветиш моменти кога 100% си со нив. Без тој простор на бесплатност, љубовта брзо ќе згасне. Љубовта се шири и дише во бесплатноста. Треба да знаеме да го губиме времето за другиот. Тоа губење за нас ќе биде голема добивка.“ (Жак Филипе).

Молитвата треба да биде губење време. Кога ќе научиш да изгубиш половина час или повеќе за Исус, за молитвата, тогаш ќе почувствуваш дека ништо не си изгубил, туку стократно си добил.

Сеуште не се слушнало дека некој умрел од глад затоа што немал време да јаде. (О. Descouvement)

Гласник Мира/Маринко Шакота/к.мк: Д.И.

Категорија: духовнитекстови, Свет

За авторот