Гуџероти: Нападот во Сирија ќе ги принуди христијаните да го напуштат Блискиот Исток

Гуџероти: Нападот во Сирија ќе ги принуди христијаните да го напуштат Блискиот Исток

Префектот на Дикастеријата за Источните цркви, кардинал Клаудио Гуџероти, ја изрази близината на Црквата со грчките православни верници погодени од нападот врз храмот Мар Елијас, порачувајќи: „Луксуз е и понатаму да бидеме поделени. Сите сме жртви.“

Сликите што пристигнуваат од Дамаск непосредно по нападот, во кој загинаа најмалку 25 лица, а 63 беа ранети, се потресни и ја враќаат Сирија во мрачниот контекст на војна за која многумина се надеваа дека е завршена. Неидентификуваниот напад, насочен кон христијанската заедница во еден особено чувствителен историски момент, симболично го погоди во срце христијанското присуство во земјата, во време кога повторно се обновуваат тензиите меѓу Истокот и Западот.

Напад врз христијанското присуство

„Она што се случи е ужасно, но како да бидеме изненадени што во актуелниот меѓународен контекст се случуваат трагедии од ваков вид?“, изјави кардинал Клаудио Гуџероти за ватиканските медиуми.

„За жал, живееме во време кога дури и не можеме да претпоставиме што ќе се случи утре. Иако засега се знае малку, едно е сигурно – ваквите масакри врз христијаните предизвикуваат масовно иселување на христијанското население од Блискиот Исток.“

Во врска со фактот што беше погодена грчка православна црква, префектот истакна дека изборот можеби бил случаен, но симболиката е јасна: „Сите христијани во Сирија – и пошироко на Блискиот Исток – се погодени.“

Кој останува – е херој

„Состојбата на христијаните низ Блискиот Исток е драматична“, вели кардиналот Гуџероти, нарекувајќи ги херои оние што и понатаму остануваат во своите земји, надевајќи се во можноста за соживот.

„Западните лидери мора да сфатат дека ова не е само прашање на вера или доктрина – туку на целата култура поврзана со христијанската традиција, без разлика дали некој ја практикува или не. Нападите врз христијаните се дел од поширок обид да се поткопа она што таа култура го претставува. Изгледа како да се подготвува генерален судир со религиозни и идеолошки димензии.“

Блискост и надеж

„Она што се случи за нас е семејна тага“, рече кардиналот.
„Христијаните од Сирија и од целиот Блиски Исток се нашето тело. Тие се хранат со истото Тело и Крв Христови, веруваат во истиот Воплотен, Распнат и Воскреснат Бог. Тие се дел од нас.“

И токму во таа заедништво, префектот на Источните цркви гледа извор на надеж:

„Бог никогаш не го напуштил својот народ. Ни во војна, ни во историјата. Секогаш имало воскресение. И сега ќе го има – иако не знаеме по која цена.“

„Нема повеќе место за поделби“

„Во светлината на она што се случи, едноставно изразување на солидарност е премалку“, завршува кардиналот Гуџероти.
„Денес велиме: ние сме со вас, ние сме вие. Во таа црква во Дамаск се убиени дел од нас. Нема веќе простор за поделби – сите сме жртви.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот