Гревот најпрво се раѓа во срцето, а потоа се конкретизира

Гревот најпрво се раѓа во срцето, а потоа се конкретизира

Гревот најпрво се раѓа во нашето срце, а потоа се конкретизира во нашето однесување – предупреди папата Фрањо во пладневниот наговор на 12 февруари 2017 година, на плоштадот Свети Петар.

Папата се осврна на делот од Говорот на гората, во кој Исус на своите слушатели им помага да го видат Мојсевиот закон во ново светло и тоа посебно за трите прашања: убиството, прељубата и заклетвата.

Светиот Отец истакна дека она што е напишано во Стариот Завет не било сѐ: Исус доаѓа за да го исполни и во конечен облик да го навести Божјиот закон. Тој ја покажува изворната цел на законот и ги исполнува автентичните аспекти – со проповедање и уште повеќе со својата жртва на крстот. Исус нѐ учи како во целост да се врши Божјата волја и тоа „со поголема праведност“ од онаа на книжниците и фарисеите. Станува збор за праведност која е поттикната од љубовта, милосрдието и на тој начин е способна да ја спознае сржта на заповедите, избегнувајќи го ризикот на формализмот.

Конкретно Папата потсетува дека Исус во денешното Евангелие испитува три аспекти: убиството, прељубата и заклетвата. Во однос на заповедта „Не убивај“, Исус рече дека таа заповед не се крши само со вистинско убиство, туку и со секое однесување кое го навредува достоинството на човечката личност, вклучувајќи ги и навредите. Секако, навредите ја немаат истата тежина како убиството, но тие се наоѓаат на иста линија, затоа што се предуслови за тоа и го откриваат истото злосторство. Исус нѐ не повикува да направиме листа колку точно е страшна ова или онаа навреда, туку ни говори сите да ги сметаме за штетни, бидејќи намерата е нанесување зло на ближниот.

Слично Папата говореше за она што Исус го кажа за прељубата и заклетвата. „Прељубата како и кражбата, корупцијата и сите останати гревови, се раѓаат најпрво во нашето срце. А кога во срцето еднаш се донесе погрешен избор, тогаш се конкретизира.“ Папата ги повтори Исусовите зборови дека кој ќе погледне со желба на жена, веќе со неа направил прељуба во срцето, тој е на патот кон прељубата.

Понатаму Светиот Отец потсети дека Исус на своите ученици им кажа да не се заколнуваат, затоа што заколнувањето е знак на несигурност и дволичност во човечките односи. Папата истакна дека сме повикани меѓу себе, во нашите семејства и заедници да градиме атмосфера на јасност и меѓусебна доверба, така да можеме да бидеме сметани за искрени без прибегнување кон поголема интервернција за да ни се поверува. По завршувањето на молитвата Ангел Господов, папата Фрањо ги поздрави ходочасниците и ги благослови.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот