Крајот на годината е пригоден момент да се направи осврт на случувањата кои заминаа во својата историја, но кои истовремено се плод на минатото и надеж за иднината. И ако свртиме поглед кон животот на Католичката црква во Македонија едноставно ќе може меѓу бројните настани, да нотираме неколку големи историски моменти, кои несомнено веќе се запишани во историјата на Црквата.
Не може да се направи преглед на изминатата година, а да не се спомне благословот на возобновеното светилиште во Паљурци „Мајка Божја Утешителка“, настан кој се случи на 21 мај, а го изврши Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов.
Црквата во Македонија доби уште една голема милост на 31 мај. На тој датум во Епископската резиденција на Водно, епископот Стојанов во заедништво со Апостолскиот нунциј во Република Македонија, архиепископот Анселмо Гвидо Пекорари и во присуство на свештенството ја објавија веста дека Светиот Отец папата Фрањо, досегашниот Апостолски егзархат во Македонија го воздигнува во Епархија „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје“, а дотогашниот Апостолски егзарх го именува за прв епарх.
Во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица на 2 декември на свеченоста за инаугурација и устоличување кардинал Леонардо Сандри, префект на Конгрегацијата за Источни цркви ги предаде декретите и ја инаугуира новооснованата епархија, а веднаш потоа го устоличи и првиот епарх монс. д-р Киро Стојанов. По тој повод епископот Стојанов упати и Пастирско писмо.
Настан кој исто така ќе остане запишан во историјата на Католичката црква во Македонија, но и на самата земја е веста од 13 декември дека Светиот Отец папата Фрањо на 7 мај 2019 година ќе ја посети Република Македонија и родниот град на Мајка Тереза – Скопје.
Настаните, активностите и средбите во 2018 година беа бројни, но во оваа прилика на посебен начин вредни за спомнување се: Секое дете заслужува да биде ученик; Осветувањето на социјалниот центар и парохиска куќа во Сарај на 21 октомври; Студискиот ден кој се одржа во Музејот на национална борба во Скопје на 10 ноември; Добиената фреквенција на Радио Марија Македонија за вршење радиодифузна дејност на територијата на општина Струмица; осветувањето на новите камбани на Катедралната црква во Струмица на 16 декември.
Да му благодариме на Господ за сите милости кои ни ги даде во оваа година и да молиме за благослов за годината која доаѓа.
Почитувани читатели, Католици.мк ви посакува благословена Нова година.
Редакција на Католици.мк