Говор на Н.В.П. Киро Стојанов при благословот и отворањето на Радио Марија Македонија во Струмица

Говор на Н.В.П. Киро Стојанов при благословот и отворањето на Радио Марија Македонија во Струмица

Драги браќа и сестри, драги слушатели на Радио Марија Македонија,

Со посебно чувство на благодарност ве поздравувам на овој возвишен празник Полнота на Божјите ветувања, на празникот Духови во првата Радио емисија, на новите фреквенции на Радио Марија Македонија – Струмица. Оваа емисија со благослов на новите фреквенции на Радио Марија во нашата Епархија и Бискупија, започнува еден значаен чекор на евангелизација во нашата Црква. На Духови, всушност е родена Црквата. Христос го доврши делото на спасението со својот живот, страдание, смрт и воскресение. На крстот е зачната Новата заедница – Црквата, а со доаѓањето на Светиот Дух е (како што слушнавме од Делата Апостолски) започната и Првата евангелизација. Првото навестување на народите дека Бог според Новиот Адам – Христос започнува ново време на историјата, историја на Новиот Божји народ, откупени и повикани на вечно блаженство. Евангелието во превод значи: Радосна вест, а евангелизирање значи пренесување на тоа слово, таа вест. Таа вест е фактички човекот, секој човек, треба да дознае неколку битни вистини за себе и својот позив.

Човек е, секој човек, создаден и во живот повикан од Бога. Не сме суштества „на случајноста“ туку далеку пред нашето постоење сме предвидени според волјата и љубовта Божја, да бидеме повикани во живот како луѓе и во тој даруван живот имаме некоја смисла и послание. Човекот е обдарен со Божествени дарови, спознавање, слободна волја, духовна душа дословно е икона на самиот Бог на земјата. Значи, во својата Бого-образност го препознаваме и своето послание и својот позив. Да се биде Божја Икона и сите созданија да ги водиме кон тоа, Бог да се прослави во сите и во секој. Но, не сме роботи туку имаме дар на слобода. Тоа значи дека својот живот го прифаќаме и го земаме некако „во свои раце“ и слободно соработуваме на остварувањето на доброто во светот, на „довршување на создавањето“ како тоа го читаме на почетокот на Светото Писмо.

Но, браќа и сестри, драги слушатели, ние имаме и искуство на промашување. Историјата на човештвото необориво ни докажува, дека човекот не секогаш градеше „подобро утре“ туку често го разорувал и злоупотребувал, прекрасниот Божји создаден свет. Имаме искуство како човек се противи на Бога, на другиот човек и конечно и на самиот себе. Имаме искуство како човек многу пати внесол хаос, неред во Божјиот свет и го рануваше името на неброени поединци дури и цели народи. Историјата на човештвото е како некоја широка, матна река во која има многу коски и невина крв. Дали тој човек создаваше кој е создаден како Божја икона? Не, тоа е создадено од „паднатиот човек“, недостаток на човек. Човек без Бога, но и без своја совест. Зарем, тоа е Божјиот план? Не.

Во историјата на спасението, Бог на некој начин го „повтори создавањето“ на човекот како своја Икона. Како? Така што самиот стана човек. Во Исус Христос ние го препознаваме Бога кој заради нас, стана еден од нас. Овоплотен, израснат, повторно го објави Бога како Отец и така нѐ поучи дека не сме само суштества, туку повеќе од тоа. Дека сме Божји Синови и Ќерки. Од нас да ја отстрани калта и дамките на невината пролеана братска крв сам на себе ја прими „нашата вина“ и во својата маченичка смрт го прикажа својот живот на паднатиот човек. Ја погреби во гроб „паднатата природа на Адам“. Но, „Бог на третиот ден го воскресна од мртвите и му ја врати славата каква ја имаше пред Воплотението“. Така новиот човек е ставен „од десно на Отецот“ како го исповедуваме во Символот на верата. Тоа значи дека по Исус Христос започнала нова историја на човештвото. Ќе кажете: Која? Што се променило? Имате право, изгледа дека нашата природа и натаму останала иста. И да, и не. Внимавајте! После тоа што Христос во себе ја презеде нашата вина и по смртта и воскресението ја победи и смртта и гревот, човекот е повикан на „ново раѓање“. Никодим го праша Исуса: Како е можно повторно да се родиме. Одговорот беше јасен: „Според Светиот Дух“. Што значи, откако Светиот Дух го „обнови лицето на земјата“ секој човек има шанса, можност да се одлучи „наново да се роди“ според светите Тајни: Крштение, Евхаристија, Исповед… што значи, нова природа на „новиот човек“ оформена според Светиот Дух во крилото на Светата Мајка Црква – според светите Тајни. Тоа е таа Радосна вест која денес ја празнуваме. Исус посака и ги повика своите ученици таа Радосна вест да ја донесат „до крајот на земјата и до крајот на времето“. Црква – како заедница на Исусовите ученици – има позив и послание за сите луѓе и сета историја да навестува по можност по Божјата милост, за да бидеме нова Божја Икона – слични на Христос. Тоа ни го овозможува Светиот Дух кој во нас престојува и по нас навестува спасение…

Драги браќа и сестри, драги слушатели, на нас сега во оваа време кое е Духовско, наредено ни е да ја навестуваме Радосната вест. Денес сме радосни и благодарни на Бога што од денес можеме и на овој современ начин да навестуваме преку радио брановите на Радио Марија. Главна цел на оваа радио е: Божјото слово во секоја куќа. На овој начин навестувањето на спасението доаѓа и до болните и немоќните и до оние кои Бога го познаваат, но и до оние кои Бога искрено го бараат. Нашата програма е исклучиво верска и исклучиво се потпира на вас, драги слушатели. Наменен е до сите луѓе со добра волја. Не е исклучив, туку стои во скромната служба на евангелието како Марија.

Еве, драги слушатели, браќа и сестри, зошто ова светско радио е обединето под името „Радио Марија“. Морам да кажам дека првата намера на основателот беше Радио на Марија, но се одомаќинил називот Радио Марија. Сеедно, Марија е „Модел на оваа радио програма“. Се гледа, кој живееше според Божјото слово и пред доаѓањето на Исус? Марија, тивка безгрешна Назаретска Девица. Токму затоа што вистината на Божјото слово – како ревна еврејка го носела во себе, избрана е од Бога да по Неа вечното Божјо слово – „стана тело и се всели меѓу нас“. Марија – како Мајка – Христос го донела на свет. Таа го родила, придружувала, прикажувала, жртвувала и најдобро го познавала. На неа прва „слезе Светиот Дух“. Таа после Вознесението го собрала Апостослкиот збор до денот на слегнувањето на Светиот Дух. Таа ревно го прати животот на првата Црква и сега во небото Вознесена живо го застапува посланието на Црквата: евангелизацијата, како Мајка на Црквата и Мајка во Црквата.

Заради сите овие факти денес сме благодарни на Бога но и во својата скромност на Божјото вдахновение и единствената смисла на постоење, а тоа е да се помогне на секому кој сака да ја врши Божјата волја и да биде подобар човек, нов човек. Нека во тие мисли е благословен овој ден и овој почеток на оваа Радио, кој нека трае долго, долго на Божја слава и во служба на Марија прва навестителка и носителка на Божјото Слово.

Изразувајќи честитки, воедно искажувам и голема благодарност до Основателите, Донаторите и вработените во Радио Марија, до Директорот на Радио Марија Македонија, о. Гоце Костов, до Претседателката г-ѓа д-р Весна Гогова до првиот Директор монс. Антун Циримотиќ, како и првата Претседателка на Радио Марија Македонија, покојната г-ѓа Катица Трајковска, посакувајќи Божји благослов и успех во работата на новата евангелизација преку брановите на Радио Марија – Македонија од Струмица.

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот