Говор на Апостолскиот нунциј Пекорари за време на светата Литургија во катедралата во Скопје
По предавањето на акредативните писма на претседателот на Република Македонија во четвртокот 24 јули 2014 година, Апостолскиот нунциј во Република Македонија, Н.Е. Архиепископ Анселмо Гвидо Пекорари во заедништво со Н.В.П. Монс. Киро Стојанов, бискуп скопски и Апостолски егзарх во Македонија и свештенството од Скопската бискупија и Апостолскиот егзрхат во Македонија служеше света Миса во катедралата Пресвето Срце Исусово – Скопје.
Неговиот говор го пренесуваме во целост.
Му благодарам на Н.В.П. Монс. Киро Стојанов, бискуп скопски и Апостолски егзарх во Македонија, што ми овозможи да ја предводам во оваа Катедрала Светата Литургија, како почеток на мојата служба во својство на Апостолски Нунциј во Македонија.
Драги свештеници, чесни сестри и сите вие присутни,
Светиот Отец Папата Фрањо, кого го претставувам во оваа мила Држава Македонија, ја поздравува и ѝ посакува секое добро, преку мене, на вашата Католичка заедница од двата обреда: која е мала, но жива и динамична.
Во името на Папата ве повикувам сите да бидете постојани во верата, љубовта и надежта, исто така во заедништво со Римскиот Епископ, Наследник на светиот апостол Петар. На таков начин вашата црковна Заедница ќе може да расте и да му дарува на македонското општество во изобилие плодови на духовност.
Упатувам еден збор на длабока и братска близина до сите вас: на посебен начин до сиромашните, до семејствата и до младите. Го повикувам секого од вас да се заземе во пренесувањето на верата кое има свои корени во проповедувањето на Апостолите – меѓу кои во прв ред свети Павле – а која се пренесуваше, преку столетија, согласно со Учењето и Традицијата на Католичката Црква. Ве повикувам да бидете евангелизатори, со сведоштвото на вашиот живот и со вашиот збор, кога е неопходен. Бидете и вие, како свети апостол Павле и неговите Ученици „Евангелизатори на народите“, односно на општеството во кое живеете и во кое, не секогаш христијанската вера е целосно запознаена.
Со тоа дајте сведоштво на луѓе кои, водени од верата, го градат мирот, диалогот, солидарноста со сите, без разлика на културата, националноста, верската припадност. Оваа Држава има потреба „од градители на мостови“, од меѓучовечки и меѓузаеднички односи, а не од делби и конфликти.
Почитувани, хранете ја вашата вера со молитва, како лична, така заедничка и литургијска. Таа ќе ви овозможи да биде присутен Бог Отец, Бог Син и Бог Дух Свети, во вашите семејства, на местата каде живеете и во заедницата.
Како знак на присутноста на Светиот Отец меѓу вас, преку мојата личност како Апостолски Нунциј, јас од сѐ срце ви го поделувам Апостолскиот Благослов. И благословот на Наследникот на светиот апостол Петар, кој е центар на заедништвото на Црквата, гаранција на правоверноста, и Сеопшт Пастир, Римски Епископ и Папа на Католичката Црква.
Нека светите браќа Кирил и Методиј, и Свети Илија да се заземат за нас, заедно со Свети Петар и Павле.
Скопје, 24 јули 2014 година