За време на својата катехеза, како дел од Генералната аудиенција во среда, папата Лав XIV ја истакна важноста на еврејско-католичките односи и да не се дозволи политиката да влијае врз нив, нагласувајќи дека религиите можат да работат заедно за да изградат подобар свет.
Од објавувањето пред шеесет години на Декларацијата за односот на Црквата кон нехристијанските религии на Вториот Ватикански собор – Nostra aetate – „сите мои претходници го осудија антисемитизмот со јасни зборови“, рече папата Лав XIV за време на Генералната аудиенција во среда, на 29 октомври, на плоштадот Свети Петар. „И јас, исто така, потврдувам дека Црквата не го толерира антисемитизмот и се бори против него врз основа на самото Евангелие“, продолжи тој.
Во својата катехеза, фокусирана на важноста на меѓурелигискиот дијалог, Папата понуди насоки за тоа како различните вери можат да дејствуваат заедно во градењето на подобар свет, нагласувајќи ја истовремено важноста на еврејско-католичките односи.
„Не можеме да негираме дека имало недоразбирања, тешкотии и конфликти во овие шеесет години од објавувањето на Nostra aetate, но тие никогаш не го спречија продолжувањето на дијалогот“, рече тој.
„Дури и денес не смееме да дозволиме политичките околности и неправдите на некои да нè одвлечат од пријателството, особено затоа што досега е постигнато толку многу.“
Папата, исто така, изрази благодарност до водачите и претставниците на различните верски заедници за нивното присуство на Генералната аудиенција.
Шест децении еврејско-католички дијалог
Папата Лав нагласи дека „денес можеме со благодарност да гледаме на сè што е постигнато во еврејско-католичкиот дијалог во текот на овие шест децении“ од објавувањето на Nostra aetate во 1965 година.
„Ова не се должи само на човечкиот напор, туку и на помошта од нашиот Бог, кој, според христијанското убедување, е самиот дијалог“, продолжи тој.
Папата истакна дека „првиот фокус на Nostra aetate е насочен кон еврејскиот свет“. „За прв пат во историјата на Црквата, требаше да се оформи доктринарен трактат за еврејските корени на христијанството, кој на библиско и теолошко ниво би претставувал точка од која нема враќање“, рече тој.
Тој објасни дека документот ги нагласува еврејските корени на Католичката црква, бидејќи „почетоците на нејзината вера и избор веќе се наоѓаат кај патријарсите, Мојсеј и пророците“. Всушност, документот го осудува секој облик на антисемитизам „насочен против Евреите во кое било време и од кого било“, не поради „политички причини, туку поради духовната љубов на Евангелието“.
Области во кои религиите можат да соработуваат
Потоа Папата размислуваше за тоа што различните вери можат да направат заедно денес, шеесет години по објавувањето на овој важен документ. „Одговорот е едноставен: можеме да дејствуваме заедно“, рече тој, додавајќи дека „повеќе од кога било, на нашиот свет му е потребно нашето единство, нашето пријателство и нашата соработка“.
Тој посочи неколку области во кои религиите можат да ги обединат луѓето: придонесот за ублажување на човечкото страдање и грижата за заедничкиот дом – нашата планета Земја; поучувањето за вистината, сочувството, помирувањето, правдата и мирот; потврдувањето на служењето на човештвото во секое време; и будноста против злоупотребата на името Божјо, на религијата и на самиот дијалог, како и против опасностите што ги претставуваат религиозниот фундаментализам и екстремизмот.
Тој, исто така, нагласи колку е важно денес „да се соочиме со одговорниот развој на вештачката интелигенција, бидејќи, доколку се замисли како алтернатива на луѓето, таа може сериозно да го наруши нивното бесконечно достоинство и да ги неутрализира нивните фундаментални одговорности“.
Папата подвлече дека различните религии имаат „огромен придонес во хуманизацијата на технологијата и можат да инспирираат нејзино регулирање, со цел да се заштитат основните човекови права“.
Потребата за надеж денес
Како што Nostra aetate им донесе надеж на многумина по Втората светска војна, отворајќи „нов хоризонт на средба, почит и духовно гостопримство“, така и денес „сме повикани да ја разгориме таа надеж во нашиот свет, уништен од војни и од деградирана природна средина“, рече Папата.
„Нашите религии учат дека мирот започнува во човечкото срце“, нагласи тој. „Мораме да ја вратиме надежта во нашите лични животи, во нашите семејства, соседства, училишта, села, земји и во целиот свет. Таа надеж се темели на нашите религиозни убедувања – на верувањето дека еден нов свет е можен.“
Папата ги повика различните верски заедници да работат заедно: „Ако сме обединети, сè е можно. Да се погрижиме ништо да не нè раздели, за да го пренесеме овој дух на пријателство и соработка и на идните генерации, бидејќи тоа е вистинскиот столб на кој почива дијалогот.“
Овој документ, рече тој, „нè учи да се среќаваме со следбениците на другите религии не како противници, туку како сопатници на патот на вистината; да ги почитуваме разликите, потврдувајќи ја нашата заедничка човечност; и да препознаваме, во секое искрено религиозно пребарување, одраз на единствената божествена мистерија што го опфаќа целото создание“.
Nostra aetate – пат за Црквата денес
Папата Лав, исто така, ѝ се обрати на самата Црква, истакнувајќи дека Nostra aetate „и денес го осветлува нејзиниот пат“.
„Декларацијата ги повикува сите католици – епископи, свештеници, посветени лица и мирјани верници – искрено да се вклучат во дијалог и соработка со следбениците на другите религии, препознавајќи и промовирајќи сè што е добро, вистинито и свето во нивните традиции“, охрабри Папата, објаснувајќи дека ова е уште поважно денес, кога во речиси секој град живеат луѓе од различно културно и религиозно потекло.
„Nostra aetate нè потсетува дека вистинскиот дијалог е вкоренет во љубовта – единствената основа на мирот, правдата и помирувањето – додека цврсто отфрла секаков облик на дискриминација или прогон, потврдувајќи го еднаквото достоинство на секое човечко суштество“, продолжи Папата.
Катехезата на папата Лав беше вдахновена од евангелската епизода во која Исус ѝ се обраќа на Самарјанката кај бунарот, надминувајќи ги „бариерите на културата, полот и религијата“. Папата истакна дека оваа „средба ја открива суштината на автентичниот религски дијалог“, бидејќи го покажува „Божјото присуство надвор од сите граници и поканата да го бараме заедно, со почит и понизност“. Детално опишува размена заснована на „искреност, внимателно слушање и меѓусебно збогатување“, во која Самарјанката достигнува ново разбирање на богослужението „остварено во Дух и вистина“.
На крајот од катехезата, Папата ги повика сите присутни да застанат за момент во тивка молитва, бидејќи, како што рече, „молитвата има моќ да ги преобрази нашите ставови, мисли, зборови и постапки“.
Ватикан њуз/к.мк

