Генерална аудиенција: Христовото крштение е многу важен момент во историјата на спасението
На редовната Генерална аудиенција во среда, 21 август 2024 година, папата Фрањо го продолжи циклусот катехези на тема „Духот и Свршеницата. Светиот Дух го води Божјиот народ да се сретне со Исус, нашата надеж“. Шестата во низа катехеза на Папата е на тема „Духот Господов е врз мене. Светиот Дух при крштевањето на Исус.“
ПАПА ФРАЊО
ГЕНЕРАЛНА АУДИЕНЦИЈА
Сала Павле VI.
Среда, 21 август 2024 година
ЦИКЛУС КАТЕХЕЗИ: ДУХОТ И СВРШЕНИЦАТА. СВЕТИОТ ДУХ ГО ВОДИ БОЖЈИОТ НАРОД КОН ИСУС, НАШАТА НАДЕЖ
6. „Духот Господов е врз мене“. Светиот Дух при крштевањето на Исус
Читање: Дела 10,34.37-38
Тогаш Петар ја отвори устата и рече: Вие знаете за сето она што се изврши по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето, што го проповедаше Јован: како Го помаза Бог со Дух Свети и сила Исуса од Назарет, и како Он одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Денес размислуваме за Светиот Дух кој слегува на Исус при крштевањето во Јордан и преку него се шири во неговото тело, а тоа е Црквата. Во евангелието според Марко, сцената на крштевањето на Исус е опишана на следниов начин: „А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан. И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува на Него. И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.” (Мaрко 1, 9-11).
Целата Троица се сретна, во тој момент, на брегот на Јордан! Таму е Отецот кој е присутен со својот глас; тука е и Светиот Дух, кој се спушта над Исус во вид на гулаб и на крајот, тука е оној што Отецот го објавува за свој возљубен Син. Тоа е многу важен момент на Откровението, тоа е важен момент во историјата на спасението. Добро е повторно да го прочитаме тој пасус од Евангелието.
Што било толку важно што се случило на крштевањето на Исус, па описот на тој настан го пренесуваат сите евангелисти? Одговорот го наоѓаме во зборовите што Исус, кратко потоа, ги изговори во синагогата во Назарет, каде јасно се осврнува на настанот што се случи на Јордан: „Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза…“ (Лука 4,18).
На Јордан, Бог Отецот „го помаза со Светиот Дух“, односно го посвети Исус за Цар, пророк и свештеник. Имено, старозаветните цареви, пророците и свештениците биле помазани со миризливо миро. Во Христовиот случај немаше физички миро, туку духовно миро, кој е Светиот Дух, наместо симбол тоа беше реалност: самиот Дух се спушти врз Исус.
Исус бил исполнет со Светиот Дух од првиот момент на неговото воплотување. Тоа беше, сепак, „лична благодат“, непренослива; сега, со ова помазание, тој ја прима полнотата на дарот на Духот за своето послание, кој како глава ќе ја пренесе на своето тело, кое е Црквата, и на секој од нас. Затоа Црквата е нов „царски, пророчки и свештенички народ“. Хебрејскиот термин „Месија“ и соодветниот грчки термин „Христ“ – Христос -, кои се однесуваат на Исус, значат „помазаник“: тој е помазан со миро на радоста, помазан со Светиот Дух. Само нашето име – „христијани“ отците ќе го толкуваат во буквална смисла: христијани значи „помазани во наследувањето на Христос“.
Во Библијата има Псалм кој зборува за миризливо миро, излеано врз главата на првосвештеникот Арон, што се лее по полите од одеждата негова (сп. Псалм 132, 2). Таа поетска слика, која ја опишува среќата на заедничкиот братски живот, стана духовна и мистична реалност во Христа и Црквата. Христос е глава, нашиот Првосвештеник, Светиот Дух е миризливото миро, а Црквата е телото Христово во кое се излева.
Видовме зошто, во Библијата, Светиот Дух е симболизиран со ветрот и, од тука, го добил името Руах – ветер. Исто така, важно е да се праша зошто го симболизира мирото и каква практична поука можеме да извлечеме од овој симбол. На Велики Четврток, осветувајќи го мирото наречено „кризам“, епископот, осврнувајќи се на оние кои ќе го примат помазанието при крштението и миропомазанието, вели: „Ова миропомазание нека навлезе во нив и нека ги освети, па, ослободени од вродената расипаност и осветени за храмот на Неговата слава, нека го шири мирисот на светиот живот“. Тоа е примената која потекнува уште од свети Павле, кој им напиша на Коринтјаните: „Да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исуса Христа, и преку нас го шири мирисот насекаде, по кој Го познаваме самиот Него“ (2 Коринтјаните 2,15). Помазанието нè прави мирис, но и човек кој со радост го живее своето помазание и го дава дава тој духовен мирис да го мириса Црквата, заедницата, семејството.
Знаеме дека, за жал, христијаните понекогаш не го шират Христовиот мирис, туку лошиот мирис на сопствениот грев. Никогаш да не заборавиме: гревот нè оддалечува од Исус, гревот нè претвора во лошо миро. А ѓаволот – да не заборавиме дека – ѓаволот, обично, влегува преку џебовите – внимавајте на тоа! Меѓутоа, тоа не треба да нè одврати од нашиот посветен напор, колку што можеме и секој во својата средина, да го остваруваме овој возвишен повик да бидеме Христов мирис во светот. Христовиот мирис се ослободува од „плодовите на Духот“, а тоа се „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста.“ (Гал 5,22). Така вели Павле и колку е убаво да сретнеш личност која ги има овие крепости: личност со љубов, радосна личност, личност која создава мир, дарежлива личност, која не е скржава, добронамерна личност која прифаќа сè, добра личност. Убаво е да се најде добра личност, верна личност, кротка личност, која не е арогантна… Ако настојуваме да ги негуваме овие плодови и кога ќе најдеме такви луѓе, тогаш, а без да забележиме, некој околу нас ќе го почуствува мирисот на Христовиот Дух. Да го молиме Светиот Дух да нè направи свесни помазаници, од него помазани.
Ватикан њуз/к.мк