На деветтата катехеза посветена на расудувањето, кои Папата ги одржува за време на Генералната аудиенција во среда истакна дека утехата, „светлината на душата“, овозможува близина со Бога, дава мир и надеж и помага да се види Отецот дури и во болка; но треба да се разликува од лажна удобност што води до повлекување во себе
Духовната утеха, светлината на душата, ни овозможува да го видиме Божјото присуство во сè, дури и во болка и во најтешките ситуации, како што нѐ учи „совршената радост“ на свети Фрањо; овозможува близина со Бога, дава мир и надеж, но бара и расудување, за да се разликува од лажните утехи кои нè наведуваат да се повлечеме во себе и да го сведеме Господ на предмет за наша употреба и потреба. Папата Фрањо го истакна ова во деветтата катехеза одржана на Генералната аудиенција во среда 23 ноември 2022 година зборувајќи за духовното расудување и утехата, важен елемент кој, сепак, не треба да се зема здраво за готово, бидејќи може да доведе до недоразбирања.
Утехата е искуство на внатрешна радост, што овозможува да се види Божјото присуство во сè; ја зајакнува верата и надежта, како и способноста да се прави добро. Човек кој доживува утеха не се откажува пред тешкотиите, затоа што доживува мир кој е посилен од искушението.
Утешената личност се чувствува обвиена со Божјата присутност
Тоа е, значи, голем дар за духовниот живот и за животот во целина – додаде Папата. Интимното движење на душата што ги допира нашите длабочини – продолжи Светиот Отец цитирајќи го свети Игнатиј Лојолски – не е агресивно, туку благо, суптилно, како капка вода на сунѓер (сп. Свети Игнатиј Л., Духовни вежби, 335). Утешената личност се чувствува обвиена со Божјата присутност, кој ја почитува нашата слобода. Сепак, тоа не е минлива еуфорија; напротив, како што видовме, дури и болката – на пример, поради сопствените гревови – може да стане причина за утеха.
Утеха на светците, од Августин до Едит Штајн
Папата потоа се присети на искуството на свети Августин, кога разговара со својата мајка Моника за убавината на вечниот живот и совршената радост на свети Фрањо, која, згора на тоа, е поврзана со многу тешки ситуации кои треба да се поднесат, како и многубројните светци и светици кои беа во состојба да прават големи работи, не затоа што се сметаа за добри и способни, туку затоа што беа освоени од смирувачката милина на Божјата љубов. Тоа е мирот што свети Игнатиј го забележал во себе кога ги читал житијата на светителите; тоа значи да се биде во мир со Бога. Ова е мирот што го почувствува Едит Штајн по нејзиното преобраќање – рече Папата.
Утехата не може да се „пилотира“ или програмира
Утехата се однесува пред сè на надежта; ориентирана е кон иднината, нè поттикнува да чекориме, ни овозможува да преземеме иницијативи кои секогаш сме ги одложувале до тој момент. Станува збор за мир кој не нè поттикнува да седиме и да уживаме во него – истакна римскиот бискуп – туку ни дава мир, нè привлекува кон Господ и нè поттикнува да одиме за да правиме добро.
Во време на утеха, кога сме утешени, чувствуваме желба да правиме добро, секогаш. Напротив, кога ќе дојде моментот на духовна пустош, сакаме да се повлечеме во себе и да не правиме ништо… Утехата те турка напред, да им служиш на другите, општеството, луѓето. Духовната утеха не може да се „пилотира“, не може да се програмира по желба; таа е дар на Светиот Дух; овозможува близина со Бога, како да ја поништува оддалеченоста.
Близината со Бога на Света Тереза од Детето Исус
Папата Фрањо ја спомна Света Тереза од Детето Исус кога, при посетата на базиликата Светиот Крст од Ерусалим во Рим, на четиринаесетгодишна возраст, се обидела да го допре клинецот што таму се почитува, еден од оние со кои бил распнат Исус. Тереза ја чувствува таа својата смелост како занес на љубов и доверба. Таа подоцна ќе напише: „Бев навистина премногу смела. Но, Господ ја гледа длабочината на срцето, знае дека мојата намера беше чиста. […] Кон него се однесував како мало девојче кое мисли дека сè и е дозволено и богатството на Отецот го смета и за свое.
На тој начин – додаде Папата – ни дава прекрасен опис на духовната утеха.
Се појавува чувство на нежност кон Бога што нè прави смели во желбата да учествуваме во самиот негов живот, да го правиме она што го радува, затоа што се чувствуваме блиски со него, чувствуваме дека неговиот дом е наш дом, се чувствуваме прифатени, сакани, зајакнати.
Утехата нè прави одважни
Со оваа утеха не се колеба пред тешкотиите – додаде Светиот Отец. Тереза со истата смелост ќе побара од Папата дозвола да влезе во Кармил, иако била премлада, и нејзиното барање ќе биде прифатено. Ова значи дека утехата нè прави смели; кога сме во време на темнина, пустош и мислиме: ’Не сум способен да го правам ова’… Пустошот те обесхрабрува. Сè изгледа темно. Напротив, во моментите на утеха одиме напред; ја чувствуваме Божјата сила и одиме напред. Така, утехата те поттикнува да одиш напред и да правиш работи што не си можел да ги направиш во време на пустош, те поттикнува да го направиш првиот чекор – објасни папата Фрањо.
Пазете се од лажна утеха
Но, лажните утехи се опасни – додаде Светиот Отец. Нешто слично на она што се случува во човечкото производство: има оригинали и имитации.
Ако е автентична, утехата е како капка на сунѓер, блага и интимна, додека нејзините имитации се погласни и поблескави, краткотраен оган, без постојаност, што доведува до свртување кон себе и негрижа за другите. Лажната утеха на крајот нѐ остава празни, далеку од центарот на нашето постоење. Кога се чувствуваме среќни, спокојни, можеме да направиме сè. Но, не мешајте го тој мир со минлив ентузијазам, бидејќи ентузијазмот постои денес, а потоа паѓа и исчезнува.
Погрешно е да се бара Божја утеха, а не Бог кој утешува
Ова е причината зошто расудувањето е од суштинско значење, дури и кога се чувствуваме утешени. Зашто, лажната утеха може да стане опасност, ако ја бараме за цел сама по себе, опсесивно, заборавајќи го Господа – објасни Папата и ги цитираше зборовите на свети Бернард: „Ние ја бараме Божјата утеха, но не Го бараме Бог кој утешува“; динамиката на детето, за кое зборуваше во катехезата за духовната пустош, кое ги бара своите родители само за да добие нешто од нив, но не и поради нив самите.
И ние се изложуваме на опасност да го живееме нашиот однос со Бог на детски начин, да го сведеме на предмет за наша употреба и потреба, да го изгубиме најубавиот дар кој е Тој самиот.
Ватикан њуз/к.мк