За време на Генералната аудиенција во среда папата Лав XIV се осврна на начинот на кој христијаните можат да се вклучат во економскиот и политичкиот живот и на тој начин да придонесат за градењето на мирот, продолжувајќи го своето размислување за Пасторалната конституција Gaudium et Spes од Вториот ватикански собор.
Вклучувањето во економскиот и политичкиот живот во согласност со христијанската вера и социјалната наука на Црквата може да стане начин за градење мир, истакна папата Лав XIV за време на Генералната аудиенција на плоштадот „Свети Петар“ во среда, 4 ноември 2026 година.
„Политиката што ги лекува раните на народите и на оние што страдаат поради неправда нуди основа за надеж за иднината на човештвото“, истакна Папата.
Потсетувајќи на зборовите на папата Фрањо, Светиот Отец нагласи дека „војната е неуспех на политиката и на човештвото, срамно предавство и тежок пораз пред силите на злото“.
Папата Лав го продолжи циклусот катехези посветени на документите од Вториот ватикански собор, задржувајќи се на Пасторалната конституција Gaudium et Spes, односно „Радост и надеж“, за Црквата во современиот свет.
Размислувајќи за третото и четвртото поглавје од вториот дел на документот, посветени на економскиот и општествениот живот и на политичката заедница, Папата понуди повеќе „критериуми за расудување“ што можат да им помогнат на христијаните да се ангажираат во овие области во согласност со својата вера.
Тој ги охрабри и младите да го следат примерот на мажите и жените „кои верно сведочеле на овие полиња“, а христијанските заедници ги повика да придонесуваат за подобро запознавање и изучување на социјалната наука на Црквата.
Посветеност на надминувањето на дискриминацијата
Осврнувајќи се на економскиот живот, Папата потсети дека соборските отци уште пред повеќе од шест децении предупредувале дека светскиот мир е загрозен од нерамнотежите предизвикани од економски развој кој не е праведен и не го почитува созданието.
Според Светиот Отец, овие предупредувања денес се уште поактуелни.
Gaudium et Spes нагласува дека „само техничкиот напредок не е доволен“ и предлага христијанска визија за економскиот развој, според која економијата секогаш треба да биде во служба на човекот и под негова одговорна контрола.
„Поактуелни од кога било се повиците за посветеност за надминување на дискриминацијата против најранливите општествени групи и мигрантите“, истакна папата Лав.
Работните услови што ги загрозуваат здравјето и животот се неприфатливи
Папата се осврна и на трудот, кој има централно место во економскиот живот и му овозможува на човекот активно да учествува во општеството.
„Работата никогаш не смее да биде изобличена на штета на луѓето, општото добро или созданието“, нагласи тој.
Според Папата, вистинскиот предизвик е на секој човек да му се овозможи целосно да ги развива и користи своите способности.
„Невработеноста, експлоатацијата и работните услови што го загрозуваат здравјето и самиот живот се неприфатливи“, истакна Светиот Отец.
Тој потсети и дека работниците имаат право и должност да учествуваат во процесите на донесување одлуки што непосредно ги засегаат, вклучително и преку синдикалното организирање.
Универзалното одредиште на земните добра
Папата потоа потсети на еден од основните принципи на социјалната наука на Црквата, универзалното одредиште на земните добра, и на неговата примена во економскиот и финансискиот живот.
Gaudium et Spes нагласува дека оние што донесуваат одлуки за инвестициите или за планирањето на економијата имаат одговорност да овозможат поединците и заедниците да живеат достоинствен живот.
Истовремено, потребно е да се воспостави рамнотежа меѓу денешните потреби за потрошувачка и потребите на идните генерации.
Политичката заедница постои за општото добро
Осврнувајќи се на политичкиот живот, папата Лав потсети дека Gaudium et Spes препознава повеќе позитивни достигнувања на современото општество.
Меѓу нив е и подлабокото разбирање на човековото достоинство, кое придонело за создавање политичко-правен поредок во кој заштитата на човековите права има особено значење.
„Политичката заедница постои заради општото добро“, нагласи Папата.
Според него, таа треба да биде организирана и да дејствува во согласност со локалните и историските околности, секогаш имајќи го предвид доброто на целото човечко семејство.
Црквата и политичката заедница можат да соработуваат
Светиот Отец потсети и на учењето на Gaudium et Spes за односот меѓу Црквата и политичката заедница.
Тие се „автономни и независни една од друга“, но и двете, секоја во својата област, му служат на личниот и општествениот повик на истиот човек.
„Колку повеќе и двете развиваат здрава меѓусебна соработка, земајќи ги предвид околностите на времето и местото, толку поефикасно ќе ја вршат својата служба за доброто на сите“, порача папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

